Претставата „Палешка“ во режија и драматизација на Давор Драгојевиќ од Црна Гора, ќе биде премиерно изведена вечерва во 19 часот во Театарот за деца и младинци во Скопје.

Преводот, адаптацијата и драматургијата се на Драгана Лукан Николоски. Во претставата играат: Матеа Јанковска, Марија Ѓорѓијовска, Изабела Новотни, Мартин Јорданоски, Емра Куртишова и Петар Стојанов.

Сценографијата, костимите, дизајнот и изработката на куклите се на Кирил Василев, а композитор е Алек Родиќ.

Куклената претстава е ново и модерно читање на истоимената бајка од Ханс Кристијан Андерсен, во која главниот фокус е ставен врз мајчинскатга љубов и нејзината сила. Претставата допира актуелни теми во современото живеење и растење на децата како различноста и прифаќањето на различноста кај себе и другите, соочувањето со суровоста на светот во процесот на растење и мајчинската љубов која е тука секогаш да нè заштити и спаси од сите тие опасности. Мајсторски изработените кукли водени со совршена прецизност и чувство од сите актери во екипата на сцената создаваат магија со која ќе се соживеат и децата и возрасните, велат од тимот на претставата.

Првата реприза на „Палешка“ е закажана за 25 декември од 19 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.