В среда, во 19 часот во Театарот за деца и младинци (ТДМ) е закажана премиерата на детско-куклената претстава „Јованче и Марика“ во режија на Давор Драгојевиќ од Подгорица, Црна Гора, а по текст на браќата Грин. Драматизацијата е на Дарко Ковачевски и на Надја Василева. Бајката првпат се поставува на сцената на ТДМ.

Ова е трета и последна премиера во ТДМ од септември годинава, рече директорката Катерина Илиевска Силјановска.

Дали бајка, во денешниот свет, кога на децата им се нудат најразлични содржини може да опстане? Дали може да парира на современата технологија, на компјутерските игри, на 3Д анимацијата? Секако дека може и тоа токму во театарот!, вели режисерот Драгојевиќ, кој првпат режира во ТДМ.

Тој првпат доаѓа во Македонија како режисер.

Досега во Македонија сум доаѓал како актер, а сега првпат гостувам како режисер. Чест ми е да работам со овој театар кој има одличен ансамбл. Со многумина од нив се познаваме и пријатели сме скоро 20 години. ТДМ во последните осум години гостува на Фестивалот на куклен театар во Подгорица и оттаму заминува со награди, меѓу кои и Гран при, рече Драгојевиќ.

Во претставата играат: Катарина Илиевска Силјановска (Јованче), Марија Ѓорѓијовска (Марика), Драган Довлев (таткото), Ана Левајковиќ Бошков (вештерката) и Ангела Димитрова (гуската).

Претставата е за деца над три години.

Актерите немаа слободен ден, се работеше и претпладне и попладне, без престан. Се надевам и верувам дека претставата ќе има долг живот и дека освен во Скопје, ќе ја видат и други деца, додаде Драгојевиќ.

Драган Довлев, кој го толкува ликот на таткото во „Јованче и Марика“ рече дека претставата е специфична по неколку работи.

Оригинално, ова беше претстава на Дарко Ковачевски, македонски режисер на куклени претстави, кој живее во Софија, но тој имаше здравствени проблеми и мораше да се откаже од работата на претставата, па во помош ни пристигна Давор Драгојевиќ. Имавме прекратки рокови. Кусо беше времето да го меморираме текстот и да работиме со куклите. Но, нашата најголема слабост излезе наш најголем успех. Успеавме да ја подготвиме претставата со 15-16 проби. Тоа е херојски подвиг, рече Довлев.

Тој рече дека „Јованче и Марика“ ќе му ја посветат на Дарко Ковачевски, кој сега се чувствува подобро и се надеваат дека во брзо време ќе дојде и ќе ја гледа претставата.

Младата актерка Ангела Димитрова првпат ќе игра претстава со кукли.

За мене беше предизвик како ќе се снајдам. Отпрвин се плашев, но со тек на време ја засакав кулата, рече Димитрова, која го толкува ликот на Гуската.

Јованче и Марика се најпознатите брат и сестра во литературата за деца на кои Браќата Грим им подариле вечен живот. Оваа бајка ја покажува вистинската љубов помеѓу братот и сестрата, нивната добрина и нивната желба за среќно семејство.

Марика е мила, малку плашлива, Јованче љубопитен, храбар, доаѓаат во ситуација сами да се борат со вештерката, која го маѓепсала нивниот татко. Тука се преплетуваат светот на фантазијата и реалноста. Најважната порака на оваа бајка е дека и во најтешките моменти треба да веруваш во себе.

Сценографија и костимографија е на Надја Василева Ковачевска, а композитор на музиката на претставата е Љупчо Мирковски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.