Претставата „Хамлет“ од Вилијам Шекспир, во режија на Милош Б. Андоновски, вечерва во 20 часот премиерно ќе се изведе во Театарот на Навигаторот Цветко (Кино Култура). Драматург е Ивана Нелковска, а играат Симона Спировска, Мартин Манев, Симона Димковска, Горан Ников, Стефан Вујисиќ, Наталија Теодосиева, Јеткин Сезаир и Дени Стојанов.

Кореографијата е на Александра Петрушевска, музиката на Александар Гроздановски, а костимите на Марта Дуфне.

Ликот на Хамлет првпат во Македонија ќе го игра актерка (Спировска).

Безвременскиот Хамлет непрестано ги поставува своите прашања, ги менува своите форми на сцените низ светот, за во Скопје, во 2018 година, да го заземе сегашниот изглед и да поставува прашања за времето што било и за времето што е сега – вели драматругот Нелковска.

„Да се биде или не“, според режисерот, во оваа претстава не одекнува како прашање, туку како одговор.

Прашањето кое се поставува е ‘Како да бидеме?‘ Претставата е истовремено и мека и цврста, и елегантна и груба со својата жестокост. Ова е прва независна постановка на ‘Хамлет’ во Македонија и го прикажува политичкото будење на младиот човек – вели Андоновски.

Претставата е дел од проектот „Направете место за младите театарџии“, со кој Театарот на Навигаторот Цветко и Кино Култура поттикнуваат нова театарска продукција и афирмираат млади автори.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.