Македонскиот режисер Илија Пиперкоски, еден од најуспешните од младата генерација, за 6 декември во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид, ја најави премиерата на неговиот најнов филм „Дедо и внук“.

Пиперкоски,кој истовремено е и сценарист на филмот, досега има режирано голем број кратки и документарни филмови. Продуцент на филмот е Огнен Антов, директор на фотографија е Романецот Патру Паунеску, сценографијата е на Владимир Зафироски, додека костимограф е Жаклина Крстевска.

Филмот започна да се снима во април 2017 година и е единствениот долгометражен игран филм во македонската кинематографија, по филмот на Димитрие Османли „Мирно лето“, кој е целосно снимен во Охрид.

Снимањето на филмот „Дедо и внук“ започна во истата куќа во стариот дел на Охрид, каде во далечната 1961 година се снимаше филмот „Мирно лето“.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Дејан Лилиќ, Салаетин Билал, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други актери, меѓу кои се истакна и тогаш 12-годишниот охриѓанец Наум Цветкоски.

Филмот „Дедо и внук“ е копродукција помеѓу Македонија и Романија. Агенцијата за филм на Република Македонија финансиски го поддржа филмот со 16 милиони денари. Вкупниот буџет е во висина од околу 400.000 евра, со поддршка на „Илијан филм“ од Романија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.