Вечерва на големата сцена на Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија премиерно ќе биде изведена претставата „Браќа Карамазови“ во режија на македонскиот автор Дејан Пројковски. Пројковски го режира најголемиот проект за оваа сезона на сцената на водечкиот бугарски театар и еден од најважните европски театарски центри, а претставата е дел и од официјалната програма на „Пловдив – европска престолнина на културата за 2019 година“.
Народниот театар од Софија “БраќаКарамазови” на Пројковски ја најави како грандиозна и неверојатна претстава, истакнувајќи ги спектакуларната сценографија и раскошните костими, но и звездената актерска екипа во која учествуваат дел од најголемите актерски имиња на бугарскиот театар денес.
„Разликата помеѓу совршената и останатите камбани во еден полутон кој што го слушаат само големите мајстори. Таква е разликатаи помеѓуАнгелот и ѓаволот.Токму со тој полутон се занимава нашата претстава. Важно е човекот даго изострува добриот слух“, изјави Пројковски, при најавата на премиерата во бугарските медиуми, истакнувајќи дека „за човекот не е важно само дека живее, туку и прашањето зошто живее. Всушност, оваа претстава е едно бурно и емотивно патување низ човековата душа и срце“, најави Пројковски.
Пројковски, покрај режијата, ја потпишува и сценската адаптација на епохалниот роман на Фјодор Достоевски, а заедно со него, на претставата работеа уште двајца истакнати македонски автори – сценографот Валентин Светозарев и композиторот Горан Трајковски. Костимите се на легендарното име на бугарскиот театар, Елена Иванова.
Билетите за премиерата се одамна распродадени, а следните изведби се во мај и во јуни.
Вечерашната премиера за македонскиот режисер значи освојување на уште еден важен театарски центар,откако минатата година за свои претстави доби престижни награди во регионот – неговата „Ромео и Јулија“беше прогласена з анајдобра претстава во Турција, а претставата „Орестија“беше прогласена за претстава на годината во Хрватска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.