Дресот на македонската фудбалска репрезентација, која за првпат ќе настапува на Европско првество, не беше официјален подарок на македонската делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски.

Пендаровски во Ватикан замина со дело инспирирано од „Псалмот 42“, на уметницата  Билјана Клекачкоска.

Делото на нашата уметница и дизајнерка Билјана Клекачкоска, инспирирано од мозаикот во крстилницата на епископската базилика во Стоби од 4 век, најстарата црква во Република Македонија, е подарокот за папата Франциск како сведоштво за културата и духовноста на нашата земја.
Филигранската изработка и симболите вградени во делото ја изразуваат нашата длабока почит кон неговата светост, соопти Кабинетот на претседателот.

Клекачкоска, која живее и работи во Германија, пак, вели дека ѝ претставува голема чест и задоволство што токму таа го изработила подарокот за папата Франциск.

Ми беше голема чест и задоволство да изработам подарок за Папата. Ова дело, инспирирано од *Псалмот 42* , илустриран на мозаичниот под од крстилницата на најстарата базилика во Македонија, од сега натаму живее во Ватикан. Едно мало пламенче е запалено и од сега ќе топли и грее.
*Три птици собрани околу капка течна светлина на лист од лапис лазули*


Двете пауници и гулабицата ги изработив во филигранска техника, наместа со чисто злато. Птиците облетуваат околу капка од горски кристал, која рачно ја обработив и позлатив со 24-каратно злато. Позадината е мозаичен тенок лист од лапис лазули, кој го изработив во Флорентинската техника на мозаична уметност. Ги претставува небесата.
Комбинацијата на техниките и избраните мотиви ги претставуваат едновремено фрагилноста на животот во заедница, бесценетата взаемност и споделувањето во слободата на духот симболизиран низ гулабицата и посветеноста на вечноста, симболизирана низ паунот.
Користените материјали и новото читање на овие древни христијански симболи, дискретно упатуваат на одговорноста да се градат благородни заедници во доба кога заедништвото е под голем знак на прашање.
Инспирацијата за ова дело е мозаик од крстилницата во Епископска базилика во Стоби, која датира од 4 век



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.