Утре со почеток во 20.00 часот во Музејот на современата уметност – Скопје ќе одржи предавање светски познатата кураторка, Зденка Бадовинац, кураторка и директорка на Модерната галерија во Љубљана, Словенија. Предавањето е именувано „ Збратименоста: Кураторството, уметноста и политиката во пост – социјалистичка Европа“.
Бадиновац е влијателен глас во меѓународните дискусии кои ја промислуваат геополитиката на уметноста по падот на комунизмот, како гласен критичар на нееднаквите преговори помеѓу Истокот и Западот, и историчар на авангардната уметност која произлезе во социјалистичките и пост – социјалистички земји во минатиот век. Освен тоа, таа е застапник на радикални институционални форми на делување, односно музеи кои ќе одговорат на комплексноста на минатото како и сразмерно на барањата на сегашноста.
Зденка Бадиновац е кураторка, писателка, и директорка од 1990 на Модерната галерија во Љубљана која од 2011 се наоѓа на две локации: Музеј на модерната уметност и Музеј на современата уметност Метелкова. Во нејзината работа, Бадовинац ги нагласува тешките процеси на редефинирање на уметноста наспроти авангардните традиции во склоп на современата уметност. Била словенечки и австриски комесар на Венециското биенале.
Пошироката јавност ја знае Бадовинац по еден од нејзините најважни проекти: „NSK oд Kapital дo Capital“, кое ја претставува работата на словенечкиот арт-колектив Neue Slowenishe Kunst во кое своевремено членуваа и познатата словенечка група Лајбах.
„Збратименоста: Кураторството, уметноста и политиката во пост – социјалистичка Европа“ е збир текстови комплетирани во текот на дваесет години од различни и понекогаш тешко достапни извори, како и нови текстови на прогесивни размислувања на Зденка Бадовинац.
По завршување на предавањето, посетителите ќе имаат уникатна можност да учествуваат во отворена дискусија со една од најеминентните фигури во современата уметност во Централна Европа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.