Во рамки на годинашното четврто издание на КРИК – фестивал за критичка култура во организација на Контрапункт, во петок (29 ноември) предавање на тема „Нација без својства“ ќе одржи познатиот хрватски филозоф Борис Буден. Предавањето ќе се одржи во Чифте амам, Национална галерија, со почеток во 19, 30 часот.
Во своето предавање, Буден ќе се осврне на јазикот, за кој генерално се подразбира дека е она што нацијата ја воспоставува како нација – најмногу од кое било друго својство. Некогаш беше препознаен и како медиум кој ја одредува уникатноста на духот на нацијата. Денес пред сè ја претставува суштината на културниот идентитет, вид на супер својство кое ги прави можни останатите својства како националната историја, националната култура или, пак, заедничкото чувство на припаѓање. Но што доколку националните јазици денес, во ерата на глобализацијата и дигитализацијата, ги поттикнуваат и искусуваат забрзаните процеси на маргинализација и деградација? Што доколку повеќето од нив се во опасност од целосно дигитално истребување? Предавањето ќе се фокусира на процесите на таканаречената ре- вернакуларизација на националните јазици во денешна Европа и далекусежните општествени и политички последици од ваквата растечка тенденција?
Предавањето ќе се одржи на хрватски јазик.
Борис Буден е филозоф, писател, публицист, критичар на културата и преведувач. Студирал филозофија во Загреб и докторирал во сферата на Културната теорија на Хумболтовиот универзитет во Берлин. Во 1990 е основач и уредник на магазинот и издавачката куќа „Аркзин“ во Загреб. Неговите есеи и написи се поврзани со теми од филозофијата, политиката, културната и уметничката критика. Буден учествува на разни конференции и уметнички проекти во западна и источна Европа, Азија и Америка, вклучувајќи ја и Документа XI. Помеѓу неговите најзначајни преводи на хрватски се и најзначајните дела на Сигмунд Фројд. Автор е на неколку книги на хрватски и на „Der Schacht von Babel: Ist“, „Kultur übersetzbar?“ (2004), Übersetzung: Das Versprechen eines Begriffs (2008, with Stefan Nowotny), „Zone des Übergangs: Vom Ende des Postkommunismus“ (2009), „Findet Europa“, (2015), „Transition to Nowhere“ (2019). Борис Буден е постојан соработник на Европскиот институт за прогресивни културни политики, во Виена. Предава теорија на културата на Факултетот за уметност и дизајн, во рамки на Баухаус универзитетот во Вајмар и на Универзитетот за применети уметности во Виена. Живее и работи во Берлин.
Четвртото издание на Фестивалот, годинава со тема „Човек без својства – политики на маргините“, ги спојува различните дискурзивни, уметнички, општествени, активистички и политички практики низ кои критички ги истражува и презентира алатките, размислите и дејствувањата преку кои ќе можат да се создадат новите текстови на културата и уметноста.
Оваа година „КРИК – фестивал за критичка култура“ се одвива како процес низ неколку етапи во годината. Особено ни е важно прераснувањето во платформа и форум за критичка култура, низ која ќе бидат во постојан разговор и конфронтација сите можни алтернативи на промислување на општеството, политичкото, културата, низ агонот со нормираното, зададеното и воспоставеното.
КРИК 04, со темата „Човек без својства – политики на маргините“ е посветен на разговор, критичко промислување и анализа на политичкиот, економскиот и, пред сѐ уметничкиот синдром кој го живееме, а тоа е синдромот на човекот без својства кој е во постојана залудна потрага по изгубеното време.
Човекот без својства е човек на неприпаѓање, своевиден анархист, кој е во постојана потрага по методологијата со која практиките на неприпаѓање ќе ги вообличи во еманципаторски процеси. Бидејќи практиките на неприпаѓање водат во еманципација. Тој се обврзува кон процесите и кон изнаоѓање на вертикали на содржината преку која ќе го артикулира отпорот.
КРИК – Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со: Мутлимедијалниот Институт (MI2), од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette од Берлин, платформата Светот околу нас – критиката во регионот, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија).
Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Македонија, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 – 2020, Град Скопје. Дизајнот на Фестивалот КРИК е на Студио КОМА.
Логистички партнери на фестивалот се: Национална Галерија (http://nationalgallery.mk/), КОТУР (https://www.facebook.com/KoturKafeiFilm/) и порталот окно.мк (https://okno.mk/)Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа (https://www.mi2.hr/en/) од Загреб и kuda.org (https://kuda.org/) од Нови Сад.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.