Директорот на државниот Архив, Емил Крстески и македонскиот амбасадор во Белград, Александар Поповски денеска на средби во Архивот на Југославија и Државниот архив на Србија во Белград постигнаа договор за интензивирање на дигитализацијата на архивската граѓа.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, по овој прв официјален состанок, Крстески, кој воедно е и претставник на македонската Влада за сукцесија на Анексот Д за архивската граѓа од поранешна СФР Југославија, изјави дека македонскиот Државен архив има одлична и долгогодишна соработка со Архивот на Југославија.
На средбата со директорот Терзиќ разговаравме за продлабочување и проширување на соработката со Архивот на Југославија, особено на планот на дигитализацијата на материјалите, на архивската граѓа и историските документи што се однесуваат на поранешна Југославија, за нивно преземање, а се битни за македонската историја, изјави Крстески.
Тој додаде дека досега со овој Архив се соработувало со преземање на дипломатската граѓа на поранешна Југославија, но останува уште материјал кој треба да се дигитализира и да се пренесе во Државниот архив во Скопје.
Досега имаме добиено доста закони што се однесуваа на Македонија за време на поранешна СФРЈ, а меѓу побитните е документот што се однесува на дефинирање на границата со Грција и Законот за заштита на водите, бидејќи делиме езера и реки со околните држави и ова е битен закон кој треба да го имаме во оригинална форма. Копиите од повеќе договори ги имаме донесено, но треба уште работа и се договоривме да размениме експерти кои ќе го дигитализираат материјалот, со што потоа ќе го споделиме со сите држави од поранешна Југославија, нагласи Крстески.
Македонската делегација оствари и прва официјална средба со Државниот архив на Србија на која е постигната согласност за продолжување на соработката и изготвување на заеднички проекти за нашето минато, како и подготовка на протокол и договор за соработка со што би се официјализирала соработката.
Ова е прва официјална средба со Државниот архив на Македонија каде разговаравме за започнување на конкретна соработката и во наредниот период ќе дефинираме заеднички проекти од интерес на двете страни. Во Архивот на Србија има архивска граѓа од крајот на 17-от век до 90-тите години на минатиот век и тоа се најмногу материјали од периодот на Кнежевстото Србија, Кралството Србија, Првата светска војна и периодот на двете Југославија и во него има доста документи поврзани со Македонија, изјави за МИА директорот на српскиот Архив, Мирослав Перишиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.