Утре, на 18 ноември во 19 часот е закажана премиерата на младинската претстава „Што е силеџија“ во Театарот за деца и младинци (ТДМ), работена според авторскиот текст на Горјан Милошевски и Хана Миленковска, а во режија на Хана Миленковска.

Во претствата играат Никола Наковски, Петар Стојанов, Мики Анчевски, Матеа Јанковска и  Ангела Димитрова.

Во претставата со „Што е силеџија“, на прв план, се опфаќаат проблемите поврзани со врсничкото насилство поточно силеџиството во едно средно училиште. На втор план, всушност подлабоко вграден во самата драмска содржина, се прикажува проблемот на силеџиството во општеството како и на гневот што го носиме во себе кој предизвикува друг гнев. Овие проблеми и прашања во претставата се разгледуваат преку триаголникот: семејство, игралиште и училиште.

Поради стравот играме улога на насилник и жртва. Како ќе изреагираме во дадената ситуација е лично наша ‘вина’, а одлуката е тесно поврзана со стравот. Затоа мораме да се соочиме со стравот и да му се спротивставиме за да можеме да го победиме, вели актерот Никола Наковски кој ја толкува главната улога во „Што е силеџија“.

Наковски во разговор за „Република“ раскажува за што се работи во претставата.

Во претставата се зборува за насилството или булингот како чин. Преку петмина тинејџери кои се ставени во една многу нормална, секојдневна ситуација: Дружење после часови, на кровот на училиштето. Оттаму се повлекуваат паралели преку кои го поставивме прашањето „Што е силеџија?” и се потрудивме да го пронајдеме одговорот. “Од играчка, плачка”, вели Наковски.

Тој го толкува ликот на Стефан. Тој е еден доста амбициозен млад човек кој многу сака да црта графити и да игра видео игри.

По природа е интроверт, што баш и не му го олеснува животот, особено социјалниот. За жал, неприфаќањето од средината остава тешки последици, особено врз млад човек во развој, а истовремено ретко кој може да каже дека не се соочил или се соочува со тој предизвик. Стефан е лик кој не се помирува со овие појави и ги доведува во прашање низ целата претстава, вели Наковски.

Врсничкото насилство не е ново, туку се провлекува со децении и само добива нови имиња. Но проблемот не се решава. Наковски вели дека тоа е така поради стравот.

Поради стравот кој го чувствуваме во сите негови облици. Присутен е кај сите нас и кај младите и кај возрасните. Секојдневната борба, борба самиот себе, со сопствените стравови е причината поради која повеќето од нас се принудени да играат двојна улога. И на “насилникот’ и на ‘жртвата’. Како ќе изреагираме во дадената ситуација е лично наша “вина’, а одлуката е тесно поврзана со стравот. Затоа мораме да се соочиме со стравот и да му се спротивставиме за да можеме да го победиме, смета Наковски.

Ова е претстава за деца над 14 години и Никола вели дека младите мора да ја погледат за да видат во која улога биле или се моментално. Но, како што тој додава претставата треба да ја видат и родителите, возарасните за да видат кај згрешиле, или не, да го освестат проблемот и да се запрашаат дали би сакале да преземат нешто во врска со тоа.

Екипата која ја подготви „Што е силеџија“ е млада, а Наковски од неодамна е дел од ансамблот на ТДМ. Има искуство и од големите сцени, а публиката го памети и дека беше дел од многу популарниот мјузикл „Мама миа“ на МНТ. Тој го толкуваше ликот на Скај, момчето на Софи. За оваа претстава во ТДМ тие работеле во млади средношколци кои многу им помогнале во целиот процес на работа, прену нивни примери.

Доста напорно ама во исто време и забавно. Напорно затоа што обработуваме една доста комплексна тема со која сите можеме да се поврземе. Се навраќавме на периодот кога ние сме биле во училишните клупи, со каков вид на булинг сме се среќавале ние тогаш, а со каков вид се среќаваат младите денеска. Тоа го дознавме од нив, од прва рака. Работевме со млади средношколци кои доста ни помогнаа во целиот процес на работа, преку нивни примери успеавме да се приближиме на денешниот вид на булинг и сето тоа да го искористиме во претставата, вели Наковски.

Нему му претставува огромна чест и задоволство бидејќи е дел од ТДМ.

Затоа што кога децата ќе дојдат да гледаат претстава, пред нивните очи се случува магија. На тој начин имено и се всадува љубовта кај најмалите па и кај возрасните би рекол. Таа магија мора да расте и да се гаи, а главните виновници за тоа се моите колеги. Затоа одговорноста е голема, но радоста и задоволството уште поголемо, рече Наковски во разговор за „Република“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.