По утринската посета и поетско матине во манастирот „Света Богородица“ во Калишта, учесниците на поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“, вчера, во хотелот „Дрим“ во Струга со почеток во 16 часот присуствуваа на неколку настани посветени на „Версополис“ . „Струшки вечери на поезијата“ (СВП) е активен учесник во „Версополис“, а во вчерашното попладне најпрвин се одржа средба на македонски и издавачи од Грција, Србија и Романија со странските поети од „Версополис“ што учествуваат во годинашното издание на СВП: Кармен Камачо од Шпанија, Сана Хартнор од Шведска, Џејкоб Поли од Англија и Гжегож Квјетковски од Полска, а веднаш потоа беа претставени и македонските млади поети предложени од СВП за програмата „Версополис“.
Пред публиката во хотелот „Дрим“ своите творби интерпретираа Марта Маркоска, Ѓоко Здравески, Снежана Стојчевска, Стефан Марковски и Наташа Сарџоска.
Следниот настан беше дебата за улогата на книжевните списанија во дигиталното доба, а вечерниот дел од програмата на вчерашниот, трет фестивалски ден, се пресели на сцената „Галеб“, каде пред многубројна публика се одржа поетски портрет на Богомил Ѓузел. За богатото творештво на Ѓузел говореше Елизабета Шелева, при што од она што можеби остана некажано од неа, потоа се „исполни“ низ краткиот разговор на универзитетската професорка со 80-годишниот поет, прозаист, есеист, преведувач и драматург.
Подоцна следуваше портет на годинешната добитничка наградата Мостови на Струга, младата хрватска поетеса Моника Херцег. Наградата се доделува за најдобра дебитантска стихозбирка, под покровителство на УНЕСКО.
Нејзиниот поетски портрет го претстави преведувачот на нејзината прва поетска збирка, „Поетски координати“, а Херцег одговараше прашањата за виорите на војната во Хрватска и како нејзиниот живот се преточува во поезија во која истакнато место им дава на смртта и на феминизмот.
Поетскиот карван потоа од сцената „Галеб“ се пресели во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, каде се се одржа „Ноќ без интерпункција“ и поетски слем со учество на, меѓу другите, Цветанка Колева, Перица Сарџоски, Игор Трпчески, Исток Улчар и други млади творци.
Четвртиот фестивалски ден на СВП, претпладне се одржа поетско кафе со лауреатот на наградата „Златен венец на СВП, славната романска поетеса Ана Бландијана, на кое таа одговараше на прашања од публиката за нејзиното творештво, за историските преплети на Романија, но и за ангажираната уметност.
Во претпладневниот ден на програмата на четвртиот ден на фестивалот, публиката се потсети на истакнатите македонски поети Вера Чејковска и Ристо Јачев, кои починаа во периодот од претходното до актуелното, 58 издание на СВП. За опусот на овие поети говореше Милован Стефановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.