Во Домот на култура „Илинден“, во Општина Илинден, се одржа централниот настан на јубилејната 20-та по ред Литературна манифестација „Илинден“. Стиховите за душата испреплетени со звуците на гитарата уште долго ќе останат во сеќавањата на присутните коишто ја имаа привилегијата да присуствуваат на оваа поетска вечер, на која на едно место беше собрано можеби она најдоброто во поетскиот свет од нашата земја и од Балканот.
Посакувајќи им добредојде на присутните, Поетскиот митинг „Стихови за душата“ го отвори покровителот на Литературната манифестација „Илинден“, градоначалникот на Oпштина Илинден, Жика Стојановски. Тој истакна дека Литературната манифестација зафаќа достојно место во просторот на културните збиднувања, и со сета своја автентичност остава белег и придонес за афирмација на културата во локалната самоуправа во нашата држава и дава можност за учество во културната размена со Балканот, Европа и светот.
Се гордееме што денес Општина Илинден е метропола на македонската и на балканската поезија, што овде во храмот на културата на Општина Илинден сме домаќини на повеќе од 30 македонски писатели и писатели од регионот, каде на едно место можеме да се запознаеме со најновите поетски достигнувања, истакна градоначалникот Стојановски, заблагодарувајќи им се на сите оние што придонесоа Литературната манифестација успешно да се реализира веќе 20 години.
Сите поети што се појавија на сцената на Поетскиот митинг, ја искористија можноста да го честитаат 20-ет годишниот јубилеј на Литературната манифестација „Илинден“ и да се заблагодарат за поканата за учество на оваа, како што рекоа, престижна и единствена ваква манифестација која што трае цел седмица и на која им претставува вистинска чест да учествуваат.
На поетскиот митинг вљубениците во поезијата имаа ретка можност да слушнат стихови од 32 поети од нашата земја, од Бугарија, од Србија, од Хрватска, од Црна Гора, од Унгарија, од Монголија.
Гордана Михаилова Бошнакоска, Сретен Перовиќ (Црна Гора), Михаил Ренџов, Владимир Луков (Бугарија), Венко Андоновски, Арпад Колар (Унгарија), Раде Силјан, Ефтим Клетников, Паскал Гилевски, Летиф Намдагжанчивин (Монголија), Кристина Николовска, Ристо Василевски (Србија), Панде Манојлов, Лилјана Стејиќ (Србија), Марко Павловски (Хрватска), Димитар Пандев, Братислав Ташковски, Георги Барбаровски, Весна Дамчевска Илиевска, Виолета Танчева Златева, Филип Клетников, Марина Мијаковска, Ленче Милошевска, Борче Панов, Игор Крајчев, Кире Неделковски, Билјана Станковска, Мирјана Тренчева, Анита Бошкова, Ели Маказлиева, Стојан Тарапуза, како и македонско-хрватската поетеса Љерка Тот Наумова со своето учество на оваа величествена вечер дадоа голем придонес во одбележувањето на овој голем јубилеј на Литературната манифестација „Илинден“.
На сите учесници на манифестацијата градоначалникот Жика Стојановски им додели признанија за унапредување на културата и културните вредности. Посебно признание за придонес во унапредувањето на културата и културните вредности, градоначалникот Стојановски му додели на академскиот сликар Новица Трајковски.
Покрај стиховите за душата, посетителите на поетскиот митинг имаа можност да уживаат и во музичкиот колаж подготвен од Пламенка Трајковска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.