Во рамките на програмата на Струшките вечери на поезијата, вчера на истекот на реката Дрим се одржа поетски ппретставување на акад. Влада Урошевиќ, чиј промотор беше проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска.
Академик Урошевиќ годинава беше автор на поетската порака која беше упатена на свеченото отворање на манифестацијата.
Во еден свет во кој поезијата е поттурната настрана, каде што пишувањето песни станува една дејност на која јавноста не ѝ подарува речиси никакво внимание, славењето на поезијата низ еден ваков фестивал како што е Струшкиот претставува благороден и високо морален чин.
Тоа што ја одржува во животот поезијата е – отпорот. Секој чин на пишување песни денес во светот е еден вид отпор. До вчера, во овие краишта, тоа беше отпор против обидите поезијата да се претвори во орудие на претераната идеологизација во служба на политичката елита. Денес – песната станува еден вид отпор против сè пожестоката и сè понемилосрдната материјализација на сè што постои. Светот вели: „Сè е на продажба!“ Песната одговара: „Сè освен мене!“ Дури и најнаивните љубовни стихови на некој поет-почетник се израз на бунтот против сфаќањето дека сè може да се сведе на најпрозаична реалност, дека човековата егзистенција нема друга смисла освен барање на колку што е можно полесен пат кон ефтините удопства и лажните задоволства“, истакна Урошевиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.