Во Домот на култура „Илинден“, во општина Илинден, се одржа централниот настан на 22-та Литературна манифестација „Илинден 2021“, поетскиот митинг „Стихови за душата“. По пауза од една година поради пандемијата со Ковид 19, Домот на културата „Илинден“ повторно беше центар на поезијата.
Стихови за душата испеаја повеќемина реномирани поети, Паскал Гилевски, Кристина Николовска, Христо Петрески, Трајче Кацаров, Љерка Тот Наумова, Игор Крајчев, Марина Мијаковска, Стојан Тарапуза, Борче Панов, Љубинка Донева, Даниела Трајковска, Филип Клетников, Иван Антоновски, Анита Бошкова, Антонио Павловски, како и познатата македонистка од Словенија, Соња Должан.
Помалиот број учесници и гости, согласно протоколите за заштита, не само што ни малку не влијаеше на квалитетот на манифестацијата, туку напротив на површина ја исфрли сета убавина што со себе ја носи еден поетски митинг на кој се пеат стихови за душата.
Поетскиот митинг го отвори покровителот на Литературната манифестација „Илинден“ градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски кој посакувајќи им искрено добредојде на писателите не го криеше своето задоволство што општина Илинден повторно ја има можноста да биде нивен домаќин.
Почитувани поети, искрена благодарност до сите вас за вашата поддршка оваа манифестација да се одржи толку години. Истовремено сум убеден дека и натаму ќе го давате вашиот придонес за афирмација на Литературната манифестација „Илинден“ и воопшто за афирмација на културата и уметноста во Македонија. Мило ми е што сме сите дел од оваа манифестација, поради што искажувам искрена благодарност за вашиот придонес, истакна градоначалникот Стојановски.
На сите учесници на манифестацијата градоначалникот Жика Стојановски им додели благодарници за унапредување на културата и културните вредности. Покрај стиховите за душата, посетителите на поетскиот митинг имаа можност да уживаат и во музичкиот колаж подготвен од Драган Мијалковски.
На поетскиот митинг „Стихови за душата“ учествуваат и поети од странство кои поради пандемијата не се во можност лично да присуствуваат, но затоа со своите дела онлајн се обратија до љубителите на пишаниот збор. Меѓу нив се наоѓаат и познатиите писатели Јожеф Бенце од Унгарија, Јон Доакунеску од Романија, Сретен Перовиќ од Црна Гора, Владимир Луков од Бугарија, Милан Јазбец од Словенија и Ѓуро Видмаровиќ, Љерка Зар Матутиновиќ и Ружица Циндори од Хрватска.
Поради протоколите за заштита од пандемијата и ограничениот број на автори и посетители кои што можаа да присуствуваат на поетската вечер, а со цел на граѓаните да не им биде ускратена можноста да бидат запознаени со најновото поетско творештво, како и минатата година се реализира и Литераурна е-манифестација „Илинден“. Љубители на пишаниот збор имаат можност преку веб сајтот на Општината (ilinden.gov.mk) да уживаат во „Стиховите за душата“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.