Во издание на Поетска ноќ од Велестово и ПНВ Публикации – Скопје излезе од печат монографијата „30 години Поетска ноќ во Велестово“. Книгата за печат ја подготви Славе Ѓорѓо Димоски, основачот на манифестацијата. Покрај текстуалниот материјал монографијата богато е илустрирана со фотографии кои хронолошки го претставуваат нејзиниот развој во изминатите три децении.
Манифестацијата претставува антологија на македонската поезија и сликарство. На неа во овие три децении беа претставени најзначајните македонски поети и сликари, меѓу кои: Јован Котески, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Михаил Ренџов, Богомил Ѓузел, Раде Силјан, Веле Смилевски, Ристо Василевски и други, а од сликарите би ги издвоиле Вангел Наумовски, Родољуб Анастасов, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски, Боро Митриќески, Коле Манев, Сергеј Андреевски, Славко Упевче, Јордан Манасиевски, Стефан Хаџи-Николов, Никола Упевче, Емил Шулајкоски и др.
На манифестацијата се претставија и други профили од светот на уметноста, како актерите Славко Нинов, Петар Темелковски, Томе Витанов, студенска група од класата на Владо Цветаноски, Варица Недевска, „Скрб и Утеха“, НАТГ Аматер – Охрид и др., музичарите Владимир Четкар, Климент Тодоровски, Зоран Маџиров, „Старовски“. UNDONE и др.
Во Монографијата поместен е антологиски избор од досегашните преставени автори, а изборот и пригодниот текст го направи Санде Стојчевски.
Бидејќи манифестацијата има и меѓународен карактер претставен е избор на досегашните странски поети од Ирска, Норвешка, Русија, Италија, Албанија, Словенија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Естонија, Словачка и др, а две јубилејни изданија беа посвети на поновата македонска поезија (на 25 и 30 издание) и по тој повод е објавена книгата „Гласови на новиот век / панорама на поновата македонска поезија“.
Текстуалниот дел, покрај воведните делови кои се однесуваат на податоци за селото и за манифестацијата збогатен е со искажување и обраќања на наши и странски уметници.
Технички Монографијата ја подготви Јован Димоски.
Јубилејното издание е објавено со материјална поддршка од Општина Охрид, но не и од Министерството за култура на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.