Во кафе галеријата „Котур“ вечерва се одржа поетско читање и авторски портрети на следниве поети: Катица Ќулавкова, Долорес Атанасова-Лори, Ѓоко Здравески, Јулијана Величковска, Јосип Коцев, Исток Ј. Улчар, Андреј Ал-Асади и Наташа Сарџоска (модератор). После поетското читање, следеше проекција на документарниот филм за полскиот поет Адам Загајевски чијшто автор е Диме Ратајкоски.
Денес сведочиме на разни места во светот (од Америка преку Европа, Среден Исток до Индија) како се издигнуваат нови ѕидови кои ги разделуваат луѓето. Бетонски ѕидови, ѕидови од бодликави жици, или невидливи високи ѕидови изградени за нерамноправност. Поезијата ги урива ѕидовите, ѕидовите меѓу нас и ѕидовите внатре во нас.
Во оваа глобална поетска акција на за свет без ѕидови во февруари во повеќе од 130 земји низ светот се одржуваат поетски настани сплотени со танц, музика, филм и театар.
Светското поетско движење (World Poetry Movement) е непрофитна организација и меѓународно поетско движење, основано од 140 поетски фестивали ширум светот, 131 поетски проекти, 1305 поети од 138 нации од сите континенти, кое се залага за мир, социјална правда, соживот меѓу народите и заштита на земјата, преку одржување на глобални поетски акции. Светското поетско движење се залага за свет ослободен од секаква дискриминација меѓу луѓето поради нивната боја, национална или верска припадност, род, социјална положба и верувања. Неговата мисија е да придонесе за создавање на еден инаков и непрекинат хуманизам на 21 век и за интеркултурен дијалог остварен преку братскиот и универзален јазик на поезијата, како и да изгради пат кон преобразба и обнова на свеста на едно човештво за мир, кое ќе биде помирено со природата и културната разноликост, како и кон правда и социјално учество за сите жители на оваа планета.
Во пресрет на настанот, на учесниците ги запрашавме каков е нивниот став за тоа дека „Поезијата ги руши ѕидовите меѓу нас, и во нас“:
За Долорес Атанасова-Лори, најтешката работа е да го срушиш ѕидот во себе.
Живееше со ѕидовите во себе и околу себе; некои ги искачуваш, и продолжуваш, други ги уриваш, и продолжуваш, трети никогаш и не постоеле, ама ги измислуваш, којзнае зошто. Едно е сигурно, човекот е роден да биде слободен, да се стреми кон слобода, оттука и потребата да уриваме ѕидови, да преминуваме препреки, да ги бришеме границите на сопственото ограничување, и секогаш нѐ демне онаа јанѕа што ќе најдеме отаде ѕидот; се надевам мир и убавина, вели Долорес.
Јосип Коцев, вели дека „поезијата и уметноста воопшто, се тука да ги разградат бариерите“.
Ѕидовите што го делат човештвото се нашиот колективен потсетник дека некаде грешиме штом не можеме слободно да си ги протегнеме рацете и да се допреме едни со други. Материјалот од кој се изградени тие ѕидови е умствен. Поезијата и уметноста воопшто, се тука да ги разградат бариерите, да го ослободат просторот од пречките што ги издигнуваат штетните политики, стереотипите, омразата. Нивната органска, примордијална цел е ѕидовите да ги претворат во мостови на разбирање и меѓусебно почитување, истакнува Коцев.
Ѕидовите се градат од страв, вели Јулијана Величковска.
Ѕидовите се многу, ги градиме од камен, од дрво, од метал, жива ограда… но материјалот, се чини, секогаш е еден и единствен. Ѕидовите ги градиме од страв. И колу и да се чинат некои ѕидови огромни и вечни, како на пример Кинескиот, сепак, не е баш така, еве на пример Берлинскиот… Еве се најавува градење на нов таков ѕид… И ако се изгради, знаеме дека еден ден ќе се урне. Но што со нашите ѕидови? Оние што ги градиме во нас, оние што невидливо стојат меѓу нас? Оние што ретко се осмелуваме да ги срушиме. Всушност, никогаш не ги рушиме, тие се мобилни, се креваат и спуштаат, а механизмот што ги управува е дозата страв. Има ли поезијата моќ да руши ѕидови? Не знам. Ние поетите твориме за нив или против нив, а некои од нас така и завршиле – застрелани пред некој ѕид. Го прави ли поезијата светот подобар и побезбеден, за оној спроти нас да посака да го спушти својот ѕид? Можеби. Можеби само за миг, ни рече Јулијана.
Поетесата Наташа Сарџоска, која е модератор на вечерашната манифестација, смета дека „поетската уметност, преку реалноста, надреалноста и нереалноста на зборот ни нуди непресушен пристап до слободата, којашто единствено му дава смисла на животот“.
Поезијата е воскресение на присуства, вели Октавио Паз. И јас верувам во таа феноменолошка димензија на недофатното, недосегливото, нејасното, недореченото во поезијата, нешто што ни овозможува да погледнеме отаде, од другата страна на ѕидот, или низ ѕидот, или од ѕидот. Ако ние се одредуваме себеси во средба со другиот, или како што вели Мартин Бубер, „јас настанувам во допир со ти“, тогаш несомнено поезијата нуди простор за „среќавање“ и за „сеќавање“ на другост и инаквост, но и на траума и болка кои суштествено можат да создадат вертикална преобразба во нас. Верувам, значи, во онтолошкиот полнеж на поетската креација, кој може да ги урне и да ги срози ѕидовите во и вон нас (јазични, психолошки, етнолошки, политички, љубовни, емотивни, просторни), но, контрадикторно, која може и да изгради ѕидови во нас и вон нас, зашто во суштина значењето се раѓа токму од триењето, од конфликтот внатрешен на личноста и внатрешен на поезијата. Затоа е моќна поетската уметност, зашто преку реалноста, надреалноста и нереалноста на зборот ни нуди непресушен пристап до слободата, којашто единствено му дава смисла на животот, смета Сарџоска.
За Исток Ј. Улчар, ѕидот може и да ограничи и да заштити. На нас останува каква улога ќе му дадеме.
Пред присутните беше претставен документарниот филм за полскиот поет Адам Загајевски чијшто автор е Диме Ратајкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.