Подвижен музички театар-Битола (Moving Music Theatre) вечер ќе настапи на престижниот фестивал Евросцена што се одржува во германскиот град Лајпциг.
Основачот на Подвижен музички театар, битолчанецот Марјан Неќак, во изјава за МИА потврди дека вечер и утревечер на еден од најрелевантните фестивали во Германија ќе биде изведена монооперата „Дневникот на лудиот“.
По успешните настапи на фестивалите МОТ во Скопје, Борштникови средби во Марибор, како и на интернационален фестивал во Риека, вечер и утревечер нашата моноопера „Дневникот на лудиот“ ќе ја презентираме пред публиката во Лајпциг. Поканата за учество на Евросцена во овој град за нас значи големо признание бидејќи на овој културен настан вообичаено присуствуваат и партиципираат над 200 продуценти и театарски работници, изјави Неќак.
Во монооперата „Дневникот на лудиот“ настапува актерот Озрен Грабариќ, а по завршувањето на настапите во Лајпциг, Подвижен музички театар-Битола ќе се подготвува за гостување во шведскиот град Гетеборг, каде што во текот на февруари 2020 година ќе се одржува фестивалот за нова опера.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.