Oдржувањето на јубилејното 40-то издание на фестивалот (20-24 октомври) е доведено во прашање. Прекинати сите подготовки за него. Небулозите, надвор од секаков здрав разум, со кои во подолг период се соочуваме во релациите со Министерството за култура, од кои мал дел се познати на јавноста, се веќе неподносливи, соопшти Скопскиот џез фестивал.

„Со вчудоневиденост ги прочитавме јавно објавените резултати на Министерството за култура по годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година од областа на музичко-сценската дејност, со кои на 40. Скопски џез фестивал драматично му се скратуваат средствата (слично и за ОФФест, кој исто така годинава одбележува јубилеј – 20 години), враќајќи ги на ниво од втората половина на деведесеттите години. Сосема е неприфатливо одеднаш драстично поинаквото вреднување на Скопскиот џез фестивал во однос на вреднувањето што се правело изминатите години. Особено што секоја година напоменуваме дека и со тие средства што сме ги добивале од Министерството се соочуваме со сериозни финансиски тешкотии во реализација на манифестацијата. Со објавените средства не е можно да се обезбеди зачувување на форматот, квалитетот и исклучително високото меѓународно ниво на фестивалот.

Едноставно, не сме подготвени да го враќаме фестивалот назад во далечното минато, практично стартувајќи го од почеток, урнисувајќи ја неговата макотрпно градена највисока меѓународна репутација и претворајќи го во нешто друго. Нашиот дефинитивен и познат став е дека во ваков случај е подобро да ставиме точка на фестивалот одошто да го сведеме на настан од претежно локален или регионален карактер. Притоа, на ум го имаме долгогодишниот континуиран квалитет на Скопскиот џез фестивал, вклучувајќи ја и минатата година, кога во услови на пандемија, тој беше еден од ретките меѓународни џез фестивали кои го сочуваа полниот формат, во Европа оценет како хајлајт.

Само еден краток поглед кон објавената програма (за споменатата дејност) е доволен да се увиди дека причините за ваквото скратување не треба да се бараат во недостигот на средства на Министерството за култура. Истовремено, не сметаме дека предмет на наш интерес треба да биде фактот дека објавените конкурсни услови и критериуми беа најлошо срочените досега од Министерството за култура. Ниту, пак, многу оправданото сомневање за однапред негативен пристап кон нашите проекти од страна на надлежната комисија, со сознанието дека, и покрај ветувањето, таа не нè удостои со побараното 10-минутно дообјаснување на проектите, што е нејзина должност. Во крајна линија, според сегашниот (а и идниот) Закон за култура, комисијата има советодавна улога, а одлуките за Годишната програма ги донесува министерот.

По објавувањето на резултатите ние испративме допис до Министерството. Но, откако ќе го добиеме решението, секако ќе вложиме приговор. Во секој случај, останува нашата обврска на ова исто место да ве известиме за натамошната судбина на фестивалот.

Овојпат нема да се воздржиме од искажувањето на едно наше чувство. Небулозите, надвор од секаков здрав разум, со кои во подолг период се соочуваме во релациите со Министерството за култура, од кои мал дел се познати на јавноста, за Скопскиот џез фестивал се веќе неподносливи. Се повторува, сега на друг начин, она што се случи пред две години, кога Скопскиот џез фестивал беше избришан од програмата поради ‘немање документи во апликацијата’ за да истите потоа се ‘пронајдат’, со натамошно долго чекање да се исправи грешката’“, соопшти Скопски џез фестивал.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.