На локации во Скопје и во Охрид кон крајот на неделава почнува да се снима новиот македонски игран филм „Преекспонирано“ на режисерката Елеонора Венинова која го напиша и сценариото.

Ова е дебитански игран филм на Венинова, која зад себе има три краткометражни филмови „Знакот“, „Влакна“ и „Борба за смрт“, како и повеќе серии.

„Преекспонирано“ е во продукција на „ДНФ филмс“. „ДНФ филмс“ пак, ја потпишува продукцијата и на краткометражните „Борба за смрт“, „Последните камбани“ и „Бале“.

Проблематична тинејџерка ги истражува темите на осаменост, отуѓеност и лицемерие, нарушувајќи ја рамнотежата на една брачна двојка откако ќе дојде кај нив на гости. Ова е сижето на филмот. „Преекспонирано“ ја доби поддршката од Европскиот фонд за поддршка на кинематографијата „Еуроимаж“.

Драго ми е дека успеваме, и во овој период на затишје за македонскиот филм поради пандемијава, да ги направиме финалните подготовки.Имаме одлична екипа, која не само е професионална туку и строго се придружува на протоколите за заштита и верувам дека ќе се движиме според нашиот план. Локациите се веќе одбрани, а филмот, освен препознатливите пејзажи крај Охридскот езеро, ќе го содржи и урбаниот дел на градот – ова е современа приказна, вели продуцентот Гоце Кралевски.

Филмската екипа ја сочинуваат актерите Сара Климоска, Благоја Веселинов, Камка Тоциновски, кинематографер е Лев Предан Коварски од Република Словенија, сценограф е Срѓан Митровиќ – Џиџи, Костимограф е Жаклина Крствка, а маска Горан Игњатовски.

„Преекспонирано“ е копродукциски проект кој, освен од Агенцијата за филм, доби поддршка и од Филмскиот центар на Србија и СЕЕ Синема Нетворк, а поддршката од „Еуроимаж“ е во делот на развој на копродукции. Изминатиов период филмот учествуваше на повеќе работилници за развој, меѓу кои се и програмата „Директорс фортнајт“ во Кан, Сараево филм фестивал, „Синемед“ во Монпелје и многу други.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.