По повеќемесечни интензивни подготовки, продукциската куќа „Скопје Филм Студио“, заедно со режисерот Игор Иванов се подготвени за почеток со снимање на играниот филм “Хомо“. Снимањето, кое официјално започнува денес, на 12 март е планирано да се реализира во временски период од 5 недели, на повеќе од 20 локации во Скопје.
Режисерот Иванов и Продуцентот Салковски најавуваат долгометражен филм за човековата личност соочена со околностите на општеството овде и сега.
Филмот претставува сублимат од шест различни приказни, на шест различни карактери од Скопје, кои етапно се вкрстуваат и низ лавиринтот на распаднатото општество нивните судбини засекогаш се менуваат. Во сите шест приказни провејува нишка на преиспитување на примарните човечки вредности. Сѐ започнува како комедија, продолжува како социјална драма и на крај завршува со карактеристики на документарец кој тежнее да го соочи обичниот човек со степенот на дехуманизација, суровост и алчност во општеството, кое сите ние заедно го градиме и развиваме.
Во реализацијата на овој најнов македонски долгометражен филм е вклучена меѓународна екипа која брои над 120 членови – автори и филмски професионалци. Листата на актери која брои над 70, ја предводат Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Оливер Митковски, Мајлинда Косумовиќ, Јелена Јованова, Сашко Коцев, Сергеј Димовски, Јоана Буковска, Себастијан Кавца, Александар Матовски, Јордан Симонов, Мони Дамевски, Мартин Манев и Славиша Кајевски.
Сценарито е на Иванов и на Сашо Кокаланов, а кинематографер е Маја Радошевиќ од Србија. Монтажата е на Мартин Иванов. Долгометражниот филм „Хомо“ претставува копродукција помеѓу „Скопје Филм Студио“ (Продуцент: Томи Салковски), Бугарија: „Гала Филм“ (Продуцент: Галина Тонева), Србија: „Арт енд попкорн“ (Продуцент: Мирослав Могоровиќ), Словенија: „Иридиум Филм“ (Продуцент: Бојан Станковиќ) и Косово: “„риггер“ (Продуцент: Лумбард Кукај). Покрај најголемиот дел финансиски средства добиени врз основа на проект од национален интерес од филмска дејност од „Агенција за Филм на Република Македонија“, филмскиот Проект „Хомо“ поддршка доби од „Национален филмски центар на Бугарија“, „Филмски центар на Србија“, “Косовски центар за кинематографија“ и од „Словенечки филмски центар“.
Иванов Изи е еден од водечките македонски режисери, чиј опус вклучува бројни играни и документарни филмови, и телевизиски проекти. Познат е по филмовите „Бубачки“, „Превртено“ и „Соба со пијано“, прикажувани и наградени на престижни филмски случувања.
Скопје Филм Студио е продукциска куќа основана од Томи Салковски во 2004 година. Во своето портфолио вклучува дела на етаблирани автори и млади таленти кои беа прикажани на најзначајните фестивали во светот. Во поголем број, проектите се поддржани од “Агенција за филм на Република Македонија“, како проекти од национален интерес, а дел од нив и од “Eurimages“ – Фонд на Советот на Европа за поддршка на европски филмски копродукции и “SEE Cinema Network“, мрежа за поддршка на копродукции од Југоисточна Европа.
Од најновата продукција на СФС се краткиот игран филм “Љубовникот“ и долгометражниот документарен филм “Кобра“ (двата во режија на Игор Иванов), потоа малцинските копродукции “Реквием за Госпоѓа Ј“ во режија на Бојан Вулетиќ (Кој својата Светска премиера ја имаше во рамките на 67. Берлинале како филм од програмата Панорама, до сега прикажан на дваесетина фестивали) и “Жаба“ во режија на Елмир Јукиќ (Добитник на Бронзената Камера 300 на 38. Интернационален Фестивал на Филмска Камера „Браќа Манаки“). Краткометражниот филм “Види ја ти неа“ во режија на Горан Столевски (во копродукција на СФС) е добитник на наградата “Најдобар интернационален игран филм“ на Санденс Филмскиот Фестивал. Овој филм, покрај други значајни фестивали, беше прикажан во официјалната компетиција на еден од најпрестижните специјализирани фестивали за краток филм “Клермон-Феранд“ во Франција. ТВ серијата “Сенки над Балканот“ (во копродукција на СФС како претставник од Македонија), имаше успешно прикажување на неколку ТВ станици во Регионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.