Околу 230 илустрации што со децении красат сликовници, детски книги, учебници, детски списанија, 40-тина книги ќе бидат дел од првата ретроспективна изложба на дела на илустраторот Младен Туниќ, што ќе биде отворена вечерва во 19.30 часот во Чифте амам во Скопје. Организатор на изложбата која е насловена „Детската радост на Младен Туниќ“ е Фестивалот за литература и илустрација „Литера“, кој своето трето издание ќе го започне токму со оваа важна изложба.
Изложбата, која се реализира со поддршка на „Халк банка“, ќе биде отворена три недели.
Младен Туниќ е роден во Призрен во 1930 година. На пет години неговото семејство се преселило во Скопје, каде тој го завршил основното образование во ОУ „Браќа Миладиновци“. Талентот за цртање од мал го одвел во средното Училиште за применета уметност, каде се запишал во 1945 година, на отсек сликарство. Тој им припаѓал на првите генерации ученици на ова училиште.
Неколку години по завршувањето на средното образование, почнал да работи во весникот „Нова Македонија“, како ликовен уредник – илустратор. Тој е еден од основачите на „Детска радост“, а бил одговорен ликовен уредник на сите детски списанија во издание на оваа издавачка куќа – Росица, Другарче, Развигор. Кога бил основан весникот „Вечер“ во 1963 година, Туниќ бил ликовен уредник. Тој е автор на логото на „Вечер“.
Освен што создал илустрации за деца, Туниќ има илустрирано и многу книги за возрасни. Учествувал на многу изложби во земјава и во странство.
Тој е еден од основачите на „Маџирмаалските средби“, кои и ден денешен се одржуваат. Починал во 1985 година во Скопје.
Освен изложбата на Туниќ, на 3.издание на фестивалот ќе организираме и онлајн-мастерклас на големиот хрватски илустратор, сликар и скулптор Свјетлан Јунаковиќ. Тој ќе се одржи на 7 јуни во 18 часот на зум-платформата, а поканети се да се пријават сите илустратори, уметници, студенти, ентузијасти во оваа област.
На 8 јуни во 19 часот во Чифте амам ќе биде организирана тркалезна маса на темата „Како македонската литература за деца полесно да ги помине границите на нашата земја?“. Ќе разговараме за можностите за превод на нашите дела и на меѓународната афирмација. Ќе учествуваат: Билјана Црвенковска, писател и основач на „Чудна шума“, Александра Јуруковска, литературен критичар, Татјана Димовска-Атанасовска, уредник во „Арс Ламина“ и Ване Костуранов, илустратор и автор на сликовници. Модератор ќе биде Сребра Ѓорѓијевска.
Третото издание на Фестивалот за литература и илустрација за деца годинава е во проширен формат. Тркалезни маси, работилници за деца ќе бидат дел од програмата на фестивалот во вториот дел на фестивалот – во септеври. Наесен ќе организираме патувачки караван и ќе посетиме повеќе деца во рурални средини, со цел да им ја доближиме книгата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.