Во рамките на проектот „Отсекогаш, сега и засекогаш” на домашната компанија Инбокс, за прв пат ќе се овозможи дигиталитализирање на повеќе од пет милиони оригинални записи, стари над петстотини години, со кои располага Институтот „Крсте Мисирков”. Решението е избрано во рамките на јавниот повик „Дигитализација на картотеките при Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков”, кој го спроведе Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за култура на Република Македонија, со цел адекватна заштита и унапредување на македонското културно наследство.

Проектот во обем, опфаќа девет картотеки со уникатно изразени записи, кои во моментот се чуваат во картонски кутии, несоодветно заштитени од сите форми на ризици од оштетување и уништување. Картотеката располага со стотици илјади зборови од стари ракописи пишувани со векови во македонските цркви и манастири, неколку милиони ливчиња со зборови коишто се користат во секојдневното зборување на македонскиот народ, односно дијалекти карактеристични за над 400 населени места. Во документите се и стотици илјади ливчиња со запишани имиња, презимиња и прекари на Македонците, како и имиња на населени или ненаселени места – топоними. Преку проектот ќе се дигитализираат и милиони ливчиња со прекрасни македонски зборови од стандардниот и од народниот јазик, кои имаат едно или повеќе значења.

Решението на „Инбокс” ќе овозможи инстантна и неограничена достапност како и можност за дигитално поврзување на картотеките. Дигиталните слики ќе се обработуваат во траен формат, ќе се метадатираат и поврзуваат во логични целини. На крајот, дигиталните записи ќе се претвораат во оригинали. Предвидено е мултиплицирање на форматите во три различни облици, секој со различни карактеристики и отпорност на сите ризици, со што ќе се овозможи трајна заштита.

Кога ќе земете предвид за какво културно наследство станува збор, лесно ќе заклучите од какво големо значење е овој проект. Низ своите активности и јавни повици, Фондот покажува дека дигитализацијата не претставува само воведување на технологија туку и големи олеснувања, промени и рационализирање на процесите. Идните генерации ќе живеат во технолошки се поразвиен свет а на овој начин македонскиот јазик и националното богатство ќе им останат трајно достапни во формати кои им се блиски. По двата повици за дигитализација на јавни инстутуции во 2021, веќе следната година Фонот развива и ново портфолио на Предзивици преку кое ќе се овозоможи дигитализација и креирање на дигитални алатки за јавните институции во државата, изјави Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Согласно правилата од јавниот повик, спроведување на проектот може да биде до 12 месеци. Фондот врз основа на оправдани околности може да одобри продолжување на спроведувањето на проектот до 6 месеци.

Комисијата за оценување и избор која ја донесе финалната одлука за финансирање на предлог проектот се состоеше од: по еден претставник од Министерството за култура, Министерството за образование и ФИТР како и двајца експерти од областа на предизвикот.

Инбох – Архивскиот Дата Центар, постои повеќе од десет години и работи со иновативен модел за архивирање и управување со физички и електронски документи. Основан на американска ИТ платформа, оперативниот модел овозможува совршена организација на документите низ целиот нивен животен тек започнувајќи од моментот кога се создадени, со што на своите корисници им овозможува брз и постојан пристап, непречена употреба и најважното – сигурни и безбедни работни процеси.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.