Културно-туристичката манифестација „Галичка свадба“ ќе започне вечерва во 19:30 часот со изведување на првите свадбени обичаи. Во куќата на зетот ќе се накити бајракот, а потоа со три истрели ќе се означи почетокот еден своевиден фестивал на мијачкиот фолклор.
На годинашното издание во центарот на вниманието ќе бидат зетот Огнен Караѓозовски и невестата Марина Петровска. Марина има потекло од Крива Паланка, но одамна е преселена, а Огнен има потекло од едно големо галичко семејство. Тој во повеќе наврати бил вклучен во органзацијата на претходните свадби и учествувал како статист.
Лајв стрим и над 200 луѓе за посилен впечаток
Свадбарските обичаи ќе започнат со поставување на свадбарското знаме, а судбоносното „да“ младенците ќе го кажат в недела, 14 јули, во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“. Посетителите ќе можат да проследат над 30 обичаи. За успешен тек на манифестацијата ќе бидат ангажирани стотина статисти облечени во автентични галички носии. Традционалните ора и игри ќе бидат задолжение на триесетина членови на КУД „Фолклорни бисери“. Особено атрактивна е коњицата со коњаниците кои во неколку наврати ќе ги бодињаат коњите по тесните галички сокаци. За да се одвива сé според сценариото ќе има и техничка поддршка, односно годинава за свадбата работно ќе биде за над 250 луѓе. За време на викендот, во Галичник ќе биде воспоставен и специјален сообраќаен режим, за полесно следење на фестивалот.
Новината што минатата година се покажа како исклучително атрактивна, годинава ќе биде унапредена. Лајв стрим (видео пренос) од целиот настан ќе има над 12 часови. Програмата, освен на голем лед екран поставен на платото, ќе може да се следи и преку интернет и други телевизиски платформи.
Традиционалната културно-сценска манифестација „Галичка свадба“ годинава се одржува три дена од 12 до 14 јули, а покровител на годинешната „Галичка свадба“ е претседателот Стево Пендаровски, кој по татко е галичанец.
Традиционалните обичаи како атракција
За време на манифестацијата, посетителите можат да проследат автентични свадбарски обичаи и ритуали проследени со изворни свадбарски песни карактеристични за овој крај и за Мијаците. Традиционално, почетокот на свадбата се означува во сабота со китењето на свадбарскиот бајрак со горско цвеќе и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот (вила „Доста“). Мајката на зетот ги дочекува семејството и роднините со домашен леб и со ќуп во рацете, по што го поведува „Свекрвиното оро“.
Во саботата навечер симболично ќе се тераат демоните што би можеле да го следат младиот пар. Зетот, кумот и други пријатели носат запалени факели до куќата на младата. Свитата со факелите го осветлува патот до трите чешми, каде младата за последен пат како немажена ги полни бокалите со вода.
Свадбата продолжува во недела, завршува со венчавка
Утредента се изведува еден оригинален обичај „канење на мртвите“, па бричењето на зетот и потстрижување. Во неговата потстрижена коса се става дукат, како симбол на богатство и потомство.
По овие обичаи следува одењето до куќата на младата. Таа облечена во традиционална галичка носија, го дочекува младенецот на балконот од нејзината куќа. Тогаш таа изговара, гледајќи низ прстенот: „Низ прстен те гледам во срце да ти влезам“. Качена на коњ младата заминува во куќата на нејзиниот иден маж. Свекрвата со сито, погача и бокал со вино ја дочекува невестата, која слегува од коњ и по постелената литовина влегува дома. По венчавањето во црквата „Св.Петар и Павле“, невестата се носи на вода на чешмата „Упија”, потоа се изведува невестинското оро, ги дарува најблиските, се крши „шутката” и по завршувањето на свадбарските обича и тапаните и зурлите ги испраќаат најблиските роднини.
Особено впечатлив белег на целата манифестација претставуваат колоритните носии на сите учесници во свадбената свеченост. Посебна атракција е и невестинската носија која сама по себе е уникатна. На неа преовладуваат белата, жолтата и црвената боја и доминантен е богатиот вез распореден на ракавите и на предниот дел од кошулата. Составен дел од невестинската носија е и филигранскиот накит со уникатни златни и сребрени елементи. Сиот комплет може да тежи и до 30 килограми.
Венчавката на Марина и Огнен во недела околу пладне ќе ја извршат јеромонасите од Бигорското монашко братство, а претходно во црквата „Св Петар и Павле“ ќе се служи света литургија за празникот Петровден.
Покрај официјалниот дел, вечер настап ќе има и групата „Бенд Оф“, а угостителските објекти ќе понудат нивни програми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.