На скопските улици деновиве почна снимањето на новиот долгометражен игран филм „Хомо“ чиј режисер е Игор Иванов – Изи, а во продукција на „Скопје Филм Студио“.
„Хомо“ (човек на латински) е филм кој говори за нашето распаднато опшество во кое се доведени во прашање примарните човечки вредности, смета режисерот Иванов.
„Хомо е филм кој зборува за нашата генерација. Се случува овде и сега, три дена во Скопје, токму во времето кога и се снима филмот. Тоа е приказна за нашето распаднато општество во кое се доведени во прашања примарните човечки вредности, вели Изи.
Кастингот во филмот е интернационален. Освен македонската екипа која ја сочинуваат Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Сергеј Димовски, Јелена Јованова, Оливер Митковски, Сашко Коцев, Јордан Симонов има и актери од Бугарија (Јоана Буковска), од Косово Мелинда Кусумовиќ и Басир Муштаку, како и неколку помали улоги од Србија.
Интересно е што во филмот учествува и Александар Матовски Цако, кој беше првиот човек со Даунов синдром кој говореше во Обединетите нации. Тој е меѓу актерите кои играат главни улоги. Цако ја толкува улогата на Гоги, дете со Даунов синдром кој се соочува со предизвиците во едно општество какво што е нашето, додава Иванов.
Филмот претставува сублимат од шест различни приказни, на шест различни карактери од Скопје, кои етапно се вкрстуваат и низ лавиринтот на распаднатото општество нивните судбини засекогаш се менуваат. Во сите шест приказни провејува нишка на преиспитување на примарните човечки вредности. Сѐ започнува како комедија, продолжува како социјална драма и на крај завршува со карактеристики на документарец кој тежнее да го соочи обичниот човек со степенот на дехуманизација, суровост и алчност во општеството, кое сите ние заедно го градиме и развиваме.
„Хомо“ е еден урбан скопски филм. Се состои од шест приказни, шест примери за луѓе кои живеат сега и овде во ова време во Скопје. Приказната е универзална, може да се случува во регионот и пошироко. Има идеја да нè освести какви сме и како функционира системот и општеството денес во Македонија и пошироко – вели продуцентот Томи Салковски.
Во реализацијата на овој најнов македонски долгометражен филм е вклучена меѓународна екипа која брои над 120 членови – автори и филмски професионалци. Листата на актери брои над 70.
Снимањето е планирано да се реализира во временски период од пет недели, на повеќе од 20 локации во Скопје.
Освен од Македонија има актери од Бугарија, Косово, Словенија, Србија. Има меѓу 450 и 500 статисти, над 100 возила. Ова е комплексен, нетипичен филм кој бара поголем и поразличен ангажман како од целата продукциска екипа, така и од авторите на филмот, додава Салковски.
Филмот е копродукција меѓу Македонија „Скопје Филм Студио“ (Продуцент: Томи Салковски), Бугарија: „Гала Филм“ (Продуцент: Галина Тонева), Србија: „Арт енд попкорн“ (Продуцент: Мирослав Могоровиќ), Словенија: „Иридиум Филм“ (Продуцент: Бојан Станковиќ) и Косово: “Триггер“ (Продуцент: Лумбард Кукај).
За нецели девет месеци од кога ја добивме поддршката од Агенцијата за филм, успеавме да ја склопиме копродукциската слика за да се изработи овој филм. На филмот ќе му престои подолга постпродукција, очекуваме на есен или зима, крајот на оваа година да имаме готов филм. Тогаш ќе го понудиме на фестивалите. Имаме интерес да учествувавме на некои од големите, светски фестивали, вели продуцентот Салковски.
Сценарио за филмот го напишаа Игор Иванов и Сашо Кокаланов. Кинематографер е Маја Радошевиќ од Србија, монтажата е на Мартин Иванов, Бугаринот Борис Трајанов е задолжен за дизајн на звук, сценограф е Кирил Спасески, костимограф е Полонца Валентичиќ од Словенија.
Оливер Митковски во „Хомо“ толкува улога на депресивен стенд ап комичар.
Знаеме дека речиси сите стенд ап комичари се депресивни. Ако треба на најкракток можен начин да ја раскажам петтата приказна од филмот, тогаш тоа би било како оној виц или приказна: Еден човек отишол на психијатар и му рекол дека е во депресија. Психијатарот му рекол да оди да го посети циркусот во градот каде што има еден многу смешен палјачо. Овој му одговорил: Јас сум палјачото. Мојот лик се појавува во петтата приказна. Јас го толкувам ликот на хомо риденс, човекот кој се смее. Приказните во филмот се поврзани, некои од ликовите ги поврзуваат, вели Митковски.
Ликот на Игор Ангелов, поп Христо, се појавува во неколку приказни во „Хомо“.
Мојот лик, поп Христо, не е главен лик, не е главната нитка која ги поврзува другите приказни. Ликот на адвокатот кој го толкува Јордан Симонов се појавува во секоја приказна – рече Ангелов, кој вторпат толкува лик на поп на филм.
Младиот Мартин Манев го толкува ликот на поп Дамјан, којшто е во блиски роднински врски со некои високи свештени лица. Тој ужива во таа позиција во која се наоѓа и успева да се „мушне“ и да се „изгребе“ што е можно повеќе за да ужива во денот.
Сергеј Димовски во „Хомо“ ја добива првата улога во долгометражен игран филм.
Го толкувам ликот на Виктор. Момче на 27 години кое во животот не си поминува баш најсјајно затоа што животните коцки не му се баш погодени. Уште живее со својата самохрана мајка, која чисти по влезови и станови. Виктор има дипломирано социјална политика и само си го бара своето место во општеството, да го работи тоа што го учел. Тој е дипломиран. но некако не му поаѓа од рака да дојде до работа, па мора да прифати да работи што било за да преживее, објаснува Димовски.
Покрај најголемиот дел финансиски средства добиени врз основа на проект од национален интерес од филмска дејност од “Агенција за Филм на Република Македонија“, „Хомо“ доби поддршка од „Национален филмски центар на Бугарија“, „Филмски центар на Србија“, „Косовски центар за кинематографија“ и од „Словенечки филмски центар“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.