Почина Вилијам Стенли Мервин, еден од најголемите современи светски поети, легенда на современата светска поезија и добитник на наградата „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“.
-Чест ми е и ме трогнува што добивам награда на еден ваков фестивал во една европска земја што има огромна и древна традиција на Балканот, каде поезијата започнала дури пред четири илјади години, што говори за традиција многу подолга отколку традицијата во САД, мојата земја. На фестивалот доаѓам трет пат. Пред повеќе од три децении Струга наликуваше на рустична населба, мене ми се допаѓаше токму тоа, а сега гледам многу нови изградени згради. Но, она што воопшто не е изменето се вашите чувства за поетите, поезијата и уметноста, тоа е прекрасна работа. Многу е важно што фестивалот во Струга е вистински израз на поезијата и уметноста, а народот овде тоа силно го чувствува и афирмира, рече Мервин во изјава за „Радио Слободна Европа“во 2005 година кога допатува во Струга за да го прими „Златниот венец“ на СВП.
Тогашниот претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, Зоран Анчевски рече дека „има неколку поети чие дело одбива да се приклони кон каков било заеднички именител на школи и трендови, еден од тие слободни стрелци е и Вилијам Стенли Мервин“.
– Стенли многу придонесе за создавањето нов, постмодерен сензибилитет и се обиде да наметне поинаква артикулација на поетскиот материјал со понов јазик и посвеж пристап – истакна Анчевски.
Овој поет од Њујорк е една од најмаркантните личности во американската модерна поезија. Првата поетска книга „Маска за Јанус“ ја објавил во 1951 година, по што следувале уште петнаесетина стихозбирки. Повеќе години живеел во Европа, каде што го учел поетскиот занает на европските класици и современи поети. „Маска за Јанус“ е сериозен зафат – резултат на Мервиновото „чиракување во европската поетска работилница“, поттикнато и менторирано од поетите Езра Паунд и Роберт Грејвз. Поетиката на Мервин е пример за постмодерна поетика и поради тоа за него се напишани голем број есеи и студии. Мервин два пати учествувал на поетскиот фестивал во Струга. прв пат во 1972 година, кога „Златниот венец“ му беше доделен на англоамериканскиот поет Вистан Хју Одн и во 2005 кога и самиот ја доби престижната поетска награда.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.