По кратко боледување вчера почина балетскиот играч Борислав Поплавскиј (83), солист на Македонскиот балет, соопшти Националната опера и балет.

Тој беше роден во Ниш, 1937 година во некогашна Југославија. По татко Руски Белогардеец и мајка Македонка, Борислав Поплавскиј по втората светска војна со своето семејство се сели во Скопје, каде подоцна завршува балетско училиште кај Професор Нина Кирсанова. Од 1955 година станува постојан член на Македонскиот Народен Театар се до 1977 година. По своето пензионирање во Македонија, се враќа назад во татковината Русија и животот го продолжува во Москва. Прерпознатлив по својот карактерен актерски израз во балетските движења, Поплавскиj одигра бројни улоги во Македонскиот народен театар речиси сите балетски претстави како: „Абраксас“, „Валпургиска ноќ“, „Дон Кихот“, „Бахчисарајска фонтана“, „Штраусијада“, „Златната рипка“, „Шпанско капричо“, „Фантастичен дуќан“, „Кралица на островот“, „Ромео и Џулиета“, „Половецки логор“, „Копелија“, „Рамки и одзиви“, „Отело“, „Петрушка“, „Танц на кадетите“, „Рајмонда“, „Петар пан“, „Жизела“, „Легенда за љубовта“ и многу други. Ќе остане забележан по улогата на Човекот во дуетот „Човек и жена” одигран со Верче Бранџолица во балетот „Песна над песните”.

Тој често беше дел и од оперските претстави како: „Земја на насмевките”, „Продадена невеста”, „Кармен” и други, но исто така беше дел и од многу драмски претстави како „Вител”, „Болва во уво” и други.

Особениот карактерен израз и сценичност Поплавскиј го однесе и до филмското платно, па се појавува во филмовите „Јад” и „Јазол” на Кирил Ценевски, како и во филмот „Бановиќ и Страхиња” на Ватрослав Мимица. Во последните години од својот живот Борислав Поплавскиј се враќа во Скопје продолжувајќи го и натаму театарскиот живот како гледач, уживајќи во претставите на Македонските театри. Поплавскиј пленеше со авантуристички дух полн со енергија и беше секогаш подготвен за нови предизвици. Беше голем другар и вистински боем.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.