Еден од најпознатите сниматели, директори на фотографија и режисер на просторите на поранешна Југославија, Божидар Бата Николиќ, почина во 80-та година од животот, објави во четвртокот Радио-телевизија на Србија (РТС).

Николиќ како режисер беше потписник на некои од култните филмови како „Балкански шпион“, „Три билети за Холивуд“, „Во името на отецот и синот“, „Балкански браќа“, а за неговото име е врзан и куриозитетот дека му ја додели првата глава улога на сегашната холивудска ѕвезда Бред Пит во филмот „Темната страна на Сонцето“(The Dark Side of the Sun).

Филмот е снимен како американск-југословенско-канадска копродукција, а покрај Бред Пит играа Шерил Полак, Хал Бојд, Милена Дравиќ и Соња Савиќ.

Николиќ своевремено изјави дека на кастингот за улогата во „Темната страна на Сонцето“ се појавиле 400 актери, а дека без никакви дилеми го избрал Бред Пит.

Божидар Николиќ е роден во Никшиќ во 1942 година, а во кинематографијата влегува во текот на 60-те и 70-те години од минатиот век како камерман во тогашната Редио-телевизија Белград.

Николиќ важеше и за многу успешен директор на фотографија, а соработуваше со режисери како Лордан Зафрановиќ, Живко Николиќ, Ватрослав Мимица, Милан Јелиќ, Власта Радовановиќ и Миша Радивојевиќ.

За својата снимателска работа е награден со две Златни арени, за филмот „Бештии“ од 1978 и за „Животот е убав“ од 1985 година. Златната арена за режија ја подели со Душан Ковачевиќ за „Балкански шпион“ во 1984-та. На Софтвест во 2016 година е награден за придонес во филмската уметност за камера.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.