Почина Љупка Арсова Џундева (1934-2018), тивката дама на македонското актерство, соопшти утринава Македонскиот народен театар.
Џундева беше олицетворение на театарската уметност кај нас, која со своите впечатливи улоги и на филмот, телевизијата и на радиото во текот на изминатите 60 години остави неизбришлива трага во македонската уметност и култура. Ја паметиме како Наталија, Силвија, Коломба, Порција, Розалинда, но и како Мира во „Мирно лето“, потоа Гина во „Македонска крвава свадба“, Љуба во првиот македонски филм „Фросина“, како и во бројни театарски претстави, тв драми, монодрами и радиодрами.
Џундева секогаш со гордост истакнуваше дека припаѓа на втората генерација актери на некогашната Висока театарска школа, а со тоа е дел од создавањето на поновата историја на театарската уметност во Македонија. Нејзиниот ентузијазам и копнеж по театарската сцена, но и нежниот и милозвучен карактер, безвременска убавина, романтична појава и жесток став во негувањето на звучниот мајчин јазик ја направиле миленичка на театарските режисери, но и на широката театарска, филмска и телевизиска публика.
Во Македонскиот народен театар работеше во текот на целиот свој професионален живот од 1951 до 1990 година, кога замина во пензија.
Годините носат смиреност. Човек мора и покрај сите тешкотии што ги доживува во животот – смрт, болест на некој најблизок во семејството, да сфати, да го најде мирот во себе и да се труди да биде подобар човек, велеше Џундева.
Нејзината последна улога на сцената на МНТ се случи во 2015 година, како Марина во претставата „Вујко Вања“ од Чехов во режија на Зоја Бузалковска.
„Мирно лето“ е нашиот менталитет. Но, тоа не е толку лошо – изјави Џундева во интервју за неделникот „Република“ за првата македонска комедија снимена во 1961 година.
Меѓу другите признанија, доби и Награда за животно дело „11 Октомври“, награда за животно дело „Војдан Чернодрински“ и награда „13 Ноември“ на град Скопје.
Многумина велат дека имаат многу време, а јас, пак, немам. Постојано сум зафатена со нешто. Сакам да ги гледам претставите во театар, да бидам до кај сме, кои дела се поставуваат, како играат младите колеги, но и тие од средната генерација. Го следам целиот културен живот. Ако не сум дошла на некоја претстава, тоа значи дека, навистина, сум била спречена и не сум можела да присуствувам. Целиот живот го поминав во театарот. Цел живот работев нешто што го сакав. Мене никој не ме натера со сила да бидам актерка. Не е лесно да се биде актер, како што мислат многумина, ќе дојдеш, ќе се смееш, не е така. Има и стресни ситуации, изјави во едно интервју за „Република“ тивката театарска дива.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.