Почитуваниот италијански композитор и диригент, Енио Мориконе, почина на возраст од 91 година. Мориконе починал во болница во Рим, поради компликации по скршеницата на бутната коска, по минатонеделниот пад.

Тој е најпознат по музиката за филмови, а со својот квалитет се стекна со прекарот „Маестро“.

Во соработка со својот пријател од детството, режисерот Серџо Леоне, остави неизбришлива трага во шпагети вестерните, поставувајќи нови граници кога компонираше музика за филмовите.

Во моментот на смртта со него била неговата сопруга Марија, а зад себе остави деца и внуци. Ќе биде погребан во кругот на семејството.

Во повеќедецениската кариера Мориконе направи музика за филмовите „За шака долари“, „Беше еднаш во Америка“, „Малена“, „Недопирливи“ и многу други, а шест пати беше номиниран за Оскар.

Почесен Оскар доби во 2007 година, за значаен придонес во кинематографијата, а Оскар, како најстар добитник прими во 206 година, за музиката во филмот „The Hateful Eight” на Квентин Тарантино.

Мориконе е роден во Рим на 10 ноември 1928 година и свиреше неколку инструменти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.