Љубомир Левчев, еден од најпознатите бугарски поети и добитникот на главната награда на СВП ,„Златен венец“ во 2010 година, почина денеска во болница во Софија, на 84-годишна возраст. Тој бил хоспитализиран во последните неколку денови.

Љубомир Левчев е роден на 27 април 1935 година во градот Тројан. Завршил Филозофско-историски факултет на универзитетот „ Климент Охридски во Софија.

Првата негова книга „Ѕвездите се мои“ е издадена во 1957 година. Дури 58 од неговите книги се преведени и објавени во 36 земји. Автор е и на три романи, книги со есеистика и мемоаристика и на филмски сценарија.

Бил уредник и главен уредник на весникот Литературен фронт (1961-1971), Бил прв заменик-претседател на Комитетот за култура (1975-1979) и претседател на Сојузот на бугарските писатели (1979-1989).

Од 1991 година бил уредник и сопственик на издавачката куќа Орфеј и на истоименото меѓународно списание. Во таа улога, објавил дела од голем број македонски писатели и поети, меѓу кои и Матеја Матевски, Славко Јаневски, Влада Урошевиќ, Ефтим Клетников и други.

Покрај „Златниот венец на поезијата“ на СВП, носител е и на Златен медал за поезија на Француската академија и на титулата Витез на поезијата (1985), потоа на Големата награда на Институтот „Александар Пушкин“ и на Сорбона (1989), орден „Владимир Мајаковски“ доделен од Сојузот на писателите на Евроазија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.