По повеќе од шестмесечна пауза продолжија пробите во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“.

Според сите протоколи за заштита од корона вирусот, продолжија пробите за претставата „Каменот“ што беа прекинати поради пандемијата. „Каменот“ е текст на Мариус фон Мајенбург, напишан во 2008 година.

Кристина Димитрова, режисер на претставата која продолжи да се подготвува, е задоволна што конечно продолжувата со работа, а текстот зборува за минатото, што колку и да е акопано, испливува на површината.

Во приказната се преплетуваат години, од 1935, па 1945, 1953, 1978, и 1993 година, со што се доловува текот на мислите, моментот кога меморијата се испреплетува и годините сами се појавуваат по асоцијација. Приказните се за модерна Германија, раскажани во капиталистички реализам. Ликовите се соочуваат со спомените од фашизмот и комунизмот. Минатото колку и да сакаат да го закопаат, не можат. Испливува како грижа на совест, преку ликовите од минатото. Каменот е откопан. Сега се поставува прашањето што понатаму откако ќе се соочиме со злосторствата од минатото и нНа која основа идните генерации ќе го градат свој идентитет – вели Димитрова.

Премиерата на „Каменот“ се очекува да биде кон средината на ноември, а во претставата играат Наташа Ачански, Катерина Чакмаковска, Димитар Ѓорѓиевски, Марија Димитрова, Јасмина Мицовска Станкоска и Илија Волчевски. Драматург е Лидија Митоска Ѓорѓиевска, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Розе Трајчевска, а музиката е на Томе Темелкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.