На 20 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК), со почеток во 20:00 ч., во Кинотеката ќе биде прикажан филмот ПРЕВРТЕНО на Игор Иванов-Изи, по повод 15 години од неговата премиера.

Кога во 2007 година на Интернационалниот филмски фестивал во Карлови Вари, Чешка, премиерно беше прикажан дебитантскиот долгометражен игран филм ПРЕВРТЕНО (Upside Down) на Игор Иванов-Изи, каде што овој филм беше во конкуренција за наградата „East of West Award“; тој момент беше и своевидна потврда за сета претходна работа на овој наш филмски автор. Иванов тогаш, не некој начин – ја „завери“ таа потврда, кога со неговиот филм ПРЕВРТЕНО, малку подоцна, ја освои Наградата за најдобра режијана фестивалот во Валенсија (Шпанија) – Mostra de València-Cinema del Mediterrani; потоа, Иванов, таа нагорна линија ја продолжи и со неговите подоцнежни остварувања – пред сè, со долгометражните играни наслови СОБА СО ПИЈАНО (2013) и ХОМО (2020), потоа со долгометражниот документарен КОБРА (2018), како и со ангажманот како режисер/креативен директор во ТВ сериите ПРЕСПАВ, ИНСАЈДЕР, СЕНКИ НА БАЛКАНОТ (една епизода од првата сезона). Денес, Иванов е веќе едно од водечките режисерски имиња на македонската кинематографија, со десетици награди и признанија на светските филмски фестивали.

ПРЕВРТЕНО ја имаше македонската премиера на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола 2007 година и е еден од последните македонски играни филмови снимени на 35мм лента. Филмот е работен според романот „Папокот на светот“ на Венко Андоновски (кој е и косценарист). ПРЕВРТЕНО е приказна за Јан Лудвик, млад човек кој ѝ припаѓа на загубената транзициска генерација во нашето општество – генерација родена во социјализмот, но живее и е сведок на рудиментарниот капитализам. Неговиот анархичен став кон животот го доведува до безизлезни ситуации, во кои не може да се реализира себеси. Меѓутоа, додека вистинските анархисти дејствуваат и ја менуваат свеста на својата околина преку акции, Јан можеби знае што не сака, но не знае што сака – момент што го става во позиција на „изгубен лик од нашата околина“…

ПРЕВРТЕНО е урбана приказнараскажана преку колоквијален говорза животот на младите луѓе во Скопје, на почетокот на деведесеттите години на XX век, во периодот на почетокот на транзицијата, во која се вклучени повеќе елементи што се симбол на поп-културата: рок музика, стрипови, употреба на лесни дрогиитн. Приказнатасо интересно имплементирани фантастични елементие раскажана преку гледната точка на главниот лик Јан, во еден вид на реминисценција – сеќавање на неговото минато, додека тој патува дома со воз, а всушност – тоа духот на Јан, одосно неговата душа, која го придружува неговото мртво тело на патот кон дома – се сеќава на својот живот: средношколецот Јан, кој живее со татко си, нема некои конкретни, цврсти, помали или поголеми амбиции во животот; Павел, неговиот другаре нешто повеќе заинтересиран да успее во животот, а Луција, нивната соученичка, е мистериозна девојка со која Јан се обидува да оствари врска. Тоталитарното влијание на политиката врз животот на младите луѓе е претставено преку инсистирањето за зачленување во владејачката Партија на националниот дух, што Јан го одбива, додека Павел и Луција се зачленуваат. Заради одбивањето да се вклопи во доминантната матрица, Јан е санкциониран од „невидливите“ општествени темни сили, прво со ќотек, а потоа и со обид да биде обвинет за убиство, по што тој ја напушта земјата и заминува со циркусот што престојува во неговиот град...

Главните улоги ги толкуваат Милан Тоциновски, Сања Трајковиќ, Славиша Кајевски, Никола РистановскиЈовица Михајловски, Марија Кондовска, Елена Серафимовиќ, Јордан Симонов, Ѓорѓи Јолевски и Инес Бојаниќ, а во споредните ролји се Силвија Јовановска-Стојановска, Петар Мирчевски, Лабина Митевска, Камка Тоциновски, итн

Директор на фотографија е Томи Салковски; монтажер е Игор Андреевски; сценографијата е на Иван Бартлинг и Игор Тошевски, костимите на Бланка Будак, а музиката е на Зоран Спасовски.

Филмот е продуциран со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, Министерството за култура на Република Хрватска, Министерството за култура на Република Србија, The Global Film Initiative и Македонската радиотелевизија. Продуценти се „Сектор филм“ – Скопје, Mainframe Production и Cinears.

Игор Иванов-Изи кариерата ја започнува работејќи авторски и ко-авторски проекти на првата приватна македонска телевизиска станица А1, и од тој период датираат ТВ проектите САБВЕЈ (1993-1994), НЕП (1995), НАШЕ МААЛО (1999-2003).

Во 1997 го реализира краткиот филм ЧАСОВНИК, со кој ја освои првата награда на конкурсот на Европскиот Совет за краток игран филм од млади автори во 1998. По реализацијата на кратките документарни филмови КАВАЛ и ГАЈДАго сними краткиот игран филм БУБАЧКИкој беше прикажан на Берлинскиот фестивал во конкуренцијата за краткометражни филмови; филмот, потоа, ги освои и наградите „Златен медал на Белград“ на Белградскиот фестивал на документарни и кратки филмови, наградата Golden Pardino – Leopards of Tomorrow“ на фестивалот во Локарно, а имаше и свои забележителни учества и награди на фестивалите во Санкт Петерсбург и Сан Франциско. ПОДОЦНА, Со играниот филм СОБА СО ПИЈАНОбеше во конкуренција за наградата од публиката на Chicago International Film Festival, додека со играниот филм ХОМО ги освои наградите на фестивалите Crossing The Screen, Festival del Cinema Europeo, IndieFEST Film Awards, WorldFest Houston, итн…

Иако ова е негово прво целовечерно остварување, сепак режисерскиот печат на Иванов веќе е препознатлив. Ако Хичкок лично се појавуваше во своите филмови, Изи суптилно, преку плакатот за „Бубачки“ во собата на Јан, го потенцира своето присуство, како и преку Стефан Сидовски, кој и во краткиот филм ‘НЕП’ беше расположен за политичко-социјален говор. Со суптилно решени сцени (дел од нив можеби и предолги и непотребни), кои содржат одлична фотографија благодарение на Томи Салковски, која скопските темни сокаци ги доведува на ниво на која било урбана светска метропола, „Превртено“ инсистира на идентификација на публиката со многу препознатливи моменти во него, алудирајќи на хаотичното и бесмислено време во кое живееме. Но, останува нејасно која е пораката што ја носи „Превртено“? Тој ги лоцира сите глупости, пороци и монструми што ги произведе ова долго транзициско време, меѓутоа филмот како да нема одговор за нив. Дали бегството во циркусот е некакво решение или, пак, смртта претставува единствен излез…?, пишува филмскиот критичар Игор Анѓелков во неговата рецензија објавена во неделникот „Глобус“ и во книгата „ФИЛМ.МКД“

ПРЕВРТЕНО беше тема и на осврти во списанието КИНОПИС бр. 35 (2008 година)

Игор Иванов-Изи е заслужен што синдромот на непомирливите ментални, емоционални и душевни разлики, меѓу мечтателите и конформистите, го лоцира без големи епигонски застранувања, во амбиентот на македонската средина. Езотеричниот, социјално неприспособлив Јан, кој не може да го задуши нагонот за летање, никогаш не ќе може духовно да се зближи со својот најдобар пријател, конформистот Павел, иако ги дели со него сите свои фрустрации и надежи. Не ќе може да се зближи ни со убавата и навидум сензибилна Луција, чии каприциозни, нежни, рамнодушни и страсни испади не можат да го уверат дали таа навистина го љуби или, пак, игра некоја улога што нејзината умна глава одлично ја извежбала. Но настрана од визуелно култивираното обликување на конфликтните ситуации и на карактерите во една хомогена мозаична целина, првенецот на Игор Иванов-Изи ќе нè остави рамнодушни пред сведочењето на колективната и лична драма. Коректната иконографска структура на кадарот, уиграната актерска игра и урбаната атмосфера во која настраностите, парадоксите и ексцентричностите се дел од амбиентот на метрополата не се доволна гаранција дека нивниот психолошко-ментален колорит ќе нè држи во напнатост и возбуда“, пишува филмскиот критичар и историчар на филмот Георги Василевски, меѓу другото, во својата критика.

 

Режисерски и авторски тивко вдахновен, филмот ни претставува една, колку-толку секојдневна приказнаблиска до реалноста; приказна што е визуелно одлично смислена: со (речиси) над-стандардна фотографија со високо естетизиран кадар, како и луцидно и инвентивно кадрирање на филмската слика и дејство, умешно аплицирана во своите сегменти на нарација, како што се различната композиција на дејството, различниот колор на филмската фотографија помеѓу нивоата на приказната во односот реално/иреално, па објективниот во однос на субјективниот светоглед преку ракурсите на филмската камера, и слично… Исто така, мора да се спомене и одличната актерска игра на речиси целиот актерски тим, особено оној на неколкуте главни актери, кои навистина ни подарија натпросечни актерски изведби во филмот...“, пишува филмологот и филмски критичар Петар Волнаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.