Пишувањето е лесно, само зјапај во празна страница додека не ти прокрвари челото. Оваа порака напишана рачно, на парче хартија била запишна на работната маса во Кентербери, Англија, каде што во последните две децении живееше и работеше Горан Стефановски, истакнатиот македонски писател и драматург, кој почина во ноевмри минатата година. Ова го откри Игор Стефановски, синот на Горан кој денеска на пладне ја организираше прославата на животот на големиот македонски автор.

Актери, режисери, театарџии, музичари, членови на потесното и поширокото семејство, Дебармаалци денеска присустуваа спроти кафаните „Наџак“ и „Идадија“ во скопско Дебар маало каде што беше засаден чинар во чест на Горан. Церемонијата ја организираше неговото семејството заедно со Општина Центар. Платото пред „Ван Гог“ беше преполно од луѓе кои дојдоа да му изразат почит на истакнатиот македонски писател и драматург. И покрај лошите временски услови скопјани дојдоа да го слават животот на Стефановски, кој ако беше жив денеска ќе го прославеше 67. роденден. А журката пред „Ван Гог“ беше проследена со музика која токму тој ја избра. Пред извесно време Горан Стефановски за порталот „офф.нет“ ја изготви својата плеј-листа која денеска беше пуштена, додека во позадина одеа фотографии од приватниот албум на Горан. Слушавме „Индекси“, „Делфини“, „Бис-без“, „Роботи“, „Група 220“, „Роботи“…

Освен чинарот, планирано е да биде изградена и една метална клупа, а во човечка димензија треба да биде излиена фигурата на Горан Стефановски како седи на клупата. На неа ќе има место за секој што ќе сака да седне, најави Јана Белчева, претседателка на Советот на општина Центар.

На клупата ќе има место за сите нас како што Горан пишуваше во историската чекална ставени во тесен калап, но сепак, какви такви, обични смртници што живееме тука.  Да си најдеме простор за малку обични радости, за кафе, за боза, за муабет подолг од три реченици, за муабет со себе, со сите со оган во срцето и пламен во главата, за сите со пркос, гнев, бунт, глас за правда и слобода. Да ни биде катче каде што нема да сме потиснати од секојдневнито, да биде една клупа и едно катче за вддишување и издишување покрај Горан, за да ни биде место каде што ќе ги забележиме и цвеќињата и ќе ги видиме дрвата и ќе го вдишеме воздухот околу нас. Ова ќе биде една клупа за љубов, за живот, за слава на животот, за слава на Горан и негово вечно сеќавање, рече Белчева.

Игор, облечен со маичка „Битлси“, омилениот бенд на татко му, со сламен шешир на глава и хумор во стилот на Горан, непосредно и ненаметливо ја водеше прославата, заблагодарувајќи се на присутните и замолувајќи ги да се напијат во чест на Горан. Тука беа и Патриша, сопругата на Горан, семејството на Игор, сопругата со двете деца, ќерката на Горан и семејството, брат му Влатко Стефановски, кој беше дојден во друштво на синот Јан.

Ова е долг, празничен викенд, но многу ни е драго што сте тука со нас. Пред многу години „К-15“ го поканија тато на еден ручек на кој јас имав големо задоволство да присустувам. Тој во еден момент им рече дека се поголеми и поважни  и посакани од што самите имаат претстава. Им рече; Не може да знаете, зошто не можете сами да се видите. Ние го правиме тоа за вас. И мислам дека е слично со Горан. Сигурен сум дека не знаеше оти неговата смрт толку длабоко ќе се осети кај луѓето. Како ште рече Јана прееска, денеска му е 67 роденднен, па ајде да прославиме. Земете пијачки, за да наздравиме. Ова дрво позади вас, еден чинар позади вас, поставен пред 7-10 дена, тоа дрво таму е поставено во спомен на Горан Стефановски. Тоа дрво самошто си го започна животот тука на ова место, насилно за жал го извадивме од својот дом и го донесовме тука, за Горан. Еден живот згасна, ама тука еве друг започнува. Овој настан е посветен на нашиот татко, сопруг, дедо. Предлагам да го викаме Горан, или Горанчо додека да не порасне нагалено, па ајде да му кажеме ‘Здраво Горане. Добредојде дрво’. Се надевам дека тука ќе ти биде убаво, дека ќе пуштиш длабоки корен и дека ќе бидеш среќно. Еве ние во овие два часа ќе ти праќаме позитивна енергија, за да знаеш дека нема потреба за страв и дека те сакаме. Да наздравиме. За многу години, рече Стефановски.

Се читаа извадоци од драмите на Стефановски, Драган Спасов Дац ја читаше својата улога од „Огнени јазици“, Јовица Михајловски го кажа својот монолог од „Демонот од Дебар Маало“, а Благој Чоревски го прочита писмото кое Горан го напиша во чест на раѓањето на неговата внука Калина.

Синиличка Трпкова, актерка и професорка на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) говорше за соработката со Стефановски за вториот дел од Бушавата азбука.

Оваа азбука е азбука на љубовта, овие ликови се ликови исцртани со љубов и топлина, рече Горан на една од нашите средби додека зборувавме за вториот дел од Бушава азбука, што пред околу една година почнавме заеднички да ја креираме со него и Унко. Овој негов последен  проект го нарече „Бушав буквар’ и ни остави аманет тој буквар да го завршиме, заради него, и заради нас. Лани есента кога бев во Небрегово во куќата на Блаже Конески, ги разменивме последнитет текст пораки и фотогрфаии. Тој секогаш ми испраќаше фотографии што зборуваа повеќе од текстот. Тој, Патриша и внучето со сина цуцла како пеперутка, прегрнати и стопени во едно. Неговото внуче како негова ѕвезда водилка. Можев да насетам зошто го пишува букварот и се топи од милина. На моите последни фотографии од куќата на Блаже, кратко ми одговори ‘Браво Блаже, Браво Небрегово, Браво Ноли’. Сите преписки, писма и фотографии, средби и разговори со него беа нашата тенка црвена навезена нишка. Тој ги создаде нацртот и првата верзија на 15-те епизоди. Во еден момент Горан, полн со ентузијазам, и со искри во очите и со изблик на дете, рече: А што ако не успееме да го реализираме. Па добро бе Унко, барем правиме за нас, со ќеф , со љубов, потоа се насмеа повеќе за себе и додаде ‘Бог да чува, кој би рекол дека денес ќе седам овде со буквариве до мене и ќе пишувам нова Бушава азбука.’ Во втората половина на Букварот, што сега ја работиме без него, тој е уште повеќе присутен, со својот аманет и дух. Ја имав привилегијата да чекорам со Горан у Унко, овие џинови на југословенското и македонското интеранцонално театарско творештво и во овој  нивни последен заеднички креативен пат. А пред 33 години играв  во нивната бушава азбука, свет во кој се надевам Горан наскоро повторно ќе не собере и ќе се видиме, рече Тркова.

На прославата на животот на Горан Стефановски беше планарано беше да има отворен микрофон и луѓе што би сакале нешто да кажат за него. Синот Игор го раскажа последниот момент поминат со татка си, во болница.

Еве јас прв нешто ќе кажам. Со вас сакам да споделам една работа што ми ја кажа, односно една шега што ми ја кажа мене, на мајка ми и на сестра ми. Ноќта кога дојде во болница, кога ни рекоа дека можеби нема да ја преживее ноќта. Ние се збогувавме, тој беше во една полусвесна ситуација. Се збогувавме, плачевме. И другиот ден се буди човекот. И гладен, му се јаде. Јадеше „чили кон карне“ во незнам колку саат сабјле. Ние тројцата сме со него, се наоѓаме во болница, тој е полусвесен. И јас, со мојата англиска структура на македонскиот јазик го прашувам: Имаш ли болка? И тој, со полузатворени очи ми одговара: не се вика така, се вика те боли нешто? И јас му одговарам: добро, добро, ок. Те боли нешто, го прашувам? Мислам дека знаете што одговори. Да. Што? Мислам дека знаете што ми кажа. Една машка именка на К. И сега се разбира, сите од плачење почавме да се смеете. Со мајка ми и сестра ми. Тој сакаше да ми каже кој е кој во семејството. Ти си син, немој да си мислиш дека поради тоа што јас лежам нешто се сменило, ама уште поважно, ни даде до знаење на сите нас дека се е океј. Дека можеби работите се точно како што треба да бидат и дека буквално не треба да се плашиме за него. Го боли, раскажа Игор.

Игор сподели и кои се работите што ги научил од Горан.

Редовно ме убедуваше дека макотрпна работа е секогаш поважна од вроден талент. Секој нов проект му висеше на глава. Сите мислевме дека тој едноставно лесно му доаѓа, пишува. Ама не, му висеше, му тежеше секогаш. Но, тој ќе си седнеше, милион книги околу него, и учеше. Едноставно знаеше кога му е рокот. Ќе седне, ќе чита, ќе чита и на крај велеше дека зборовите му се тука, само треба да ги запише. Тој беше дисциплиниран во работата. Многу беше дисциплиниран во се. Од чување сметки, до рутини што ги имаше со години. Особено кога работеше. Над неговата маса во Кентербери имаше рачно напишана порака на едно парче хартија. ‘Пишувањето е лесно, само зјапај во празна страница додека не ти прокрвари челото’, раскажа Игор.

Академик Стефановски беше автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“. Неговата соработка со режисерот Слободан Унковски, од 1980-те па со децении натаму, создаде претстави кои беа во врвот на театарската уметност во регионот.

Роден во Битола на 27 април 1952, во театарско семејство, дипломец е на англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет во Скопје, а магистрирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград. Од 1986 беше професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) од 1979, а од 2004 е и член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.

Горан беше автор и на текстови на неколку албуми на прочуената рок група „Леб и сол“, чиј фронтмен беше брат му, гитаристот Влатко Стефановски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.