Со оркестарот на Филхармонија вечер ќе настапи една од најдобрите млади пијанистки на светската музичка сцена – Јеол Еум Сон од Јужна Кореја. Концертот е насловен „Фрески“ според истоименото музичко дело на македонскиот композитор Благоја Ивановски кое ќе биде изведено на овој концерт, заедно со Концертот за пијано и оркестар бр.2 и „Танцот на смртта“ од Камиј Сен-Санс.

Концертот за пијано и оркестар во ге-мол Камиј Сен-Санс, како што соопшти Филхармонија, го напишал во 1868 година. Големиот руски пијанист Антон Рубинштајн, еден од големите пријатели на композиторот, дошол во Париз за серијата од осум концерти кои требало да се реализираат под диригентската палка на Сен-Санс. Пред крајот на концертните серии, Рубинштајн сакал да дебитира како диригент во Париз, а Сен-Санс да настапи како пијанист. Сен-Санс започнал да го пишува Концертот во ге-мол веднаш по иницијативата на Рубинштајн и успеал да го заврши за неверојатни 17 дена. Премиерната изведба била на 13 мај – Рубинштајн го водел концертот, а Сен-Санс настапил како солист.

Благоја Ивановски (1921–1994) е македонски композитор од втората генерација македонски повоени творци. Заедно со Глигор Смокварски и Кирил Македонски, бил еден од втемелувачките на современиот македонски симфонизам. Поголемиот дел од творечкиот опус на Ивановски е посветен на симфониското творештво, во чии рамки доминираат историски теми. Во таа насока се движи и неговото симфониско дело „Фрески“, напишано во 1961 година, во кое го сумира својот препознатлив стилски печат кој е умерено модерен. Пристапот кон третманот на формата и во ова дело има типична и шематизирана форма, која се пресликува и во основните композиторски постапки.

Светската критика ја оценува јужнокорејската пијанистка Јеол Еум Сон како врвен изведувач со грациозна и безвременска интерпретација, кристален и разнобоен тон и возбудливи изведувачки перформанси. Важи за брилијантен вирутоз и за пијанистка која прави соврешен баланс меѓу енергијата и гравитацијата со својата изведба. На светските сцени настапува и како рецитален изведувач и како пијанист со најзначајните симфониски оркестари во светот. Нејзиниот репертоар е разновиден и еклектичен, таа изведува музика од Бах, Моцарт, од германските и руските романтичари, Вагнер, Шимановски, Лигети, Салонен…

Настапувала со најдобрите светски оркестри, како што се Њујоршката филхармонија, оркестарот на театарот „Марински“, Чешката филхармонија, Концерт хаус оркестарот од Белрин, „Московски виртуози“… Нејзините концерти ги воделе диригенти како што се Дмитри Китајенко, Валери Гергиев, Васили Петренко, Владимир Спиваков, Кшиштоф Урбански, Мико Франк, Пабло Гонзалез и др.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.