За вековната традиција пеливанство како традиционален спорт и вештина во општина Студеничани, како своевиден културен артефакт , Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ изготви елаборат со цел прогласување на овој етно-спорт за културно добро на Република Македонија со што ова автентично случување со сите свои специфики ќе се заштити како културно наследство.

Министерот за култура Хусни Исмаили вчера присуствуваше и се обрати на Меѓународната културно-спортска манифестација во традиционално борење (пеливанство) која вчера се одржа во Спортско-рекреативниот центар во Студеничани.

Пред присутните министерот Исмаили истакна дека Министерството за култура ја дава својата поддршка за прогласување на овој етно-спорт за културно добро на Република Македонија со што ова автентично случување со сите свои специфики ќе се заштити како културно наследство.

Тоа е само уште една потврда дека пеливанството е вековна традиција на албанскиот народ што подразбира почитување на моќтта, почитување на противникот, почитување на правилата, на јавноста и достоинствената прослава. Кога на сето ова ќе се додадат обредите пред настапот на борачите-пеливани, тогаш традицијата добива големи вредности кои се восхитувачки за секоја нација, рече Исмаили.

Тој додаде дека и во иднина треба да да се продолжи со грижата за зачувување и негување на традицијата како богатство кое е од особено значење за генерации кои доаѓаат.

Инаку во рамки на манифестацијата освен од земјава учествуваа борачи-пеливани од балканските земји, Турција, Грција, Бугарија, Косово и Албанија, кои се натпреваруваа во пет категории. Во рамки на манифестацијата настапија и членовите на културно-уметничкото друштво „Емин Дураку“ кои презентираа традиционални ора и игри, а неизоставен дел од настанот беа и старите традиционални јадења карактеристични за реонот Каршијака.

Настанот во организација на Здружението за образование, култура, спорт и екологија (АКСИ) и Федерацијата на пеливани на Македонија, деветта година се реализира со поддршка на Министерството за култура.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.