Јубилејното петто издание на Меѓународниот фестивал на дебитантски филм, Киненова кое ќе се одржи од 8 до 18 октомври ќе може да се проследи од дома на Телевизија 24, информира организаторот.

Новите услови кои се наметнаа при справување со корона кризата, доведе до тоа да се промени и начинот на одржување и организирање на филмскиот фестивал. Овој формат ќе ги спои авангардноста на оригиналниот авторски уметнички израз и атрактивноста на телевизијата како медиум, што во време на наметливите комерцијални содржини треба да донесе до конечна цел, поголема достапност и популаризација на филмската уметност, вели организаторот.

Официјалната програма на фестивалот оваа година нуди неколку исклучително атрактивни програми исполнети со најнови, свежи филмови, кои гледачите во Македонија за прв пат ќе имаат можност да ги проследат и истите ќе бидат објавени наскоро на прес конференција. Како и секоја година главниот фокус е на главната натпреварувачка програма каде што оваа година ќе се натпреваруваат 7 сосема нови деби филмови од цел свет за наградите: Најдобар филм на фестивалот, најдобро сценарио, најдобар режисер и најдобар филм според публиката.
Посебен куриозитет и атракција оваа година е програмата Киненова ретро, која е подарок за сите следачи на Киненова, а оваа година и сите ТВ гледачи во Македонија.

Таа претставува ретроспектива на најдоброто од минатите четири години со цел да се одбележи малиот јубилеј, а во склоп на истата ќе бидат прикажани наградените филмови од сите четири изданија, но и некои други кои предизвикаа огромно внимание кај публиката или кои по прикажувањето на Киненова станаа препознаени во голем број на земји и фестивали. Оваа програма започнува на 1ви октомври и ќе биде вовед во официјалниот дел на петтото издание на КИНЕНОВА, вели организаторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.