Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најавува петтото издание на Фестивалот на европската литература „Букстар“ / „Книжевни ѕвезди“, кој ќе се одржи од 7 до 10 октомври 2019 година. Под слоганот „Отаде“, Фестивалот оваа година го поставува прашањето: Што се наоѓа отаде сивата магливост по слушнатите приказни на црната и белата страна? Како секоја така и оваа година, организаторите ќе се обидат преку книжевноста да ги објаснат културолошките промени.
Различностите надвладуваат, па оваа година пред македонската публика ќе бидат претставени шест автори со спротивни заднини, тематики и интереси: Халдора Тородсен (Исланд), Михал Вивег (Чешка), Кадер Абдолах (Холандија), Евгениј Водолазкин (Русија), Слободан Шанјдер (Хрватска) и Марко Шелиќ Марчело (Србија) – кои ќе се обединат и заедно ќе дискутираат на темите опфатени во нивните романи: религија, националност, традиција, политика, сексуалност и вечно присутната желба за моќ. Отаде шизоидните наративи во секојдневјето, постојат личните приказни, кои најдобро сведочат за хаосот на идеологиите.
Дизајнот на официјалниот фестивалски постер и на другите промотивни материјали е на Јана Андева, а настанот е организиран во соработка со Младинскиот културен центар, каде што ќе се одржат фестивалските настани.
Во фокусот на фестивалот и оваа година ќе бидат гостувањата на авторите и промоциите на нивните дела.
Сите промоции ќе се одржат во киното „Фросина“ при МКЦ.
Во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, ќе бидат организирани две книжевни дискусии на кои ќе присуствуваат дел од авторите гости заедно со македонски претставници од светот на книжевноста.
На 8 октомври во 17 часот двајца странски (Кадер Абдолах и Михал Вивег) и двајца домашни писатели (Луан Старова и Оливера Ќорвезироска) ќе дискутираат на тема „Да се биде европски романописец денес“ и ќе ги споделат своите искуства во доменот на романескната проза. Модераторка на дискусијата ќе биде Соња Стојменска-Елзесер.
На 9 октомври во 17 часот ќе се одржи книжевната средба „Во сенката на читателот“, модерирана од Весна Мојсова-Чепишевска, при што своите размисли и ставови ќе ги споделат гостинката Халдора Тородсен и македонските авторки Калина Малеска и Фросина Пармаковска.
За време на „Букстар“, на сцената на култното кино „Фросина“ ќе седнат на жешкото столче четворица европски и македонски писатели, кои имаат што да кажат на многу книжевни и општествени теми: Халдора Тородсен – 8 октомври во 17 часот, Марко Шелиќ Марчело – 8 октомври во 18 часот, Венко Андоновски – 9 октомври во 17 часот и Евгениј Водолазкин – 9 октомври во 18 часот.
Покрај можноста во живо да се присуствува на снимањето на новите епизоди од првиот книжевен поткаст кај нас, тој ќе биде пренесуван во живот и преку страницата на МКЦ на „Фејсбук“.
За цело време додека трае Фестивалот специјално за читателите ќе биде организирано петтото издание на Саемот на европската литература, каде што ќе може да се набават книги добитнички на Европската награда за книжевност и други книги од европски автори по намалени цени. Покрај организаторот „Антолог“, на саемот ќе земат учество уште и „Арт конект“, „Бата прес“, „Бегемот“, „Готен“, „Или-или“, „ПНВ публикации“, „Полица“ и „Три“.
На 10 октомври од 10 часот во Салата за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје специјално предавање ќе одржи годинашниот добитник на наградата „Букстар“ – Евгениј Водолазкин. Освен тоа што студентите и гостите ќе можат да поразговараат непосредно со овој голем руски писател и да ги слушнат неговите видувања за романот денес, во оваа пригода ќе биде доделена и наградата „Букстар 2019“ за романот „Авијатичарот“, со што ќе заврши и официјалниот дел на Фестивалот, вели организаторот.
Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен и вратите се отворени за сите љубители на квалитетната европска литература.
Фестивалот е поддржан од програмата Креативна Европа на Европската Унија, Министерство за култура на Република Македонија, мрежата „Традуки“, Институтот за преводи на Русија, Холандскиот литературен фонд, Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Република Чешка, Исландскиот книжевен центар, Младинскиот културен центар и Друштвото на писатели на Македонија.
Фестивалот „Букстар“ е од социјално ангажиран карактер и негова цел е да разбранува интерес кај пошироката јавност, нудејќи содржина што помага полесно да се разберат проблемите со кои се соочува општеството денес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.