Претставата „Пеликанот“ на Аугуст Стриндберг во изведба на младата екипа од Универзитетот Еуропа Прима – Скопје, се враќа како апсолутен победник од вториот Интернационален театарски фестивал – ИНТЕФ, од Шабац, Србија.
Фестивалот се одржа минатата недела, од 14 до 19 август под мотото „ИНТЕФ е тоа што не спојува“, а е во оранизација на млади уметници од Србија, чија цел е обединување на млади театарџии од сите земји во регионот, разменување на идеи и прикажување претстави сите пет фестивалски денови.
На репертоарот на овогодишниот фестивал од околу 40-тина пријавени, во програмата беа селектирани 10 претстави. Во селекцијата единствен претставник од Македонија, беше претставата „Пеликанот“ на Аугуст Стриндберг на младата екипа од универзитетот Еуропа Прима – Скопје, во режија на Теодора Силјаноска, дипломиран театарски режисер и четворицата млади актери: Кристина Гиева, Марија Кондовска, Ане Блажовски и Матеј Стојковски, сите студенти во класата на проф. Дејан Пројковски, наведуваат од Универзитетот.
„Пеликанот“ освои пет награди на овој фестивал, односно сите награди кои ги доделува стручното жири: Награда за најдобра претстава според оценка од публика, Награда за најдобра претстава од Жирито на учесници на фестивалот, Најдобра машка улога според стручно жири – Ане Блажовски, Најдобра женска улога според стручно жири – Марија Кондовска, како и Најдобра претстава според стручно жири.
Претставата се одигра на 16 август со почеток од 21 часот во Домот на култура на Мишар, а победниците на овогодинешното издание на фестивалот во повеќе категории беа прогласени после петте театарски денови, на затворањето на фестивалот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.