Детската театарска претстава „Чек-ин пред зграда“ ќе ја има својата 50. изведба вечерва во кино „Фросина“ во Младински културен центар. Почетокот е закажан за 19 часот.
Претставата ја разработува темата за модернизацијата, технологијата, интернетот и социјалните мрежи како неизбежна алка од времето во кое живееме.
Несомнено зависноста од технологија, интернет и социјални мрежи кај младите е на високо ниво, а нивната заинтересираност за игри со другарите пред зграда, физичка активност и квалитетно поминато време без технологија е сè помала. Со оваа проблематика се занимава претставата „Чек-ин пред зграда“ која има за цел преку разни ситуации, на близок и разбирлив јазик за децата и младите, да го согледа влијанието од постојано користење на социјалните мрежи и да поттикне на развивање на социјална интелигенција, препознавање на лошите ефекти од постојаното користење на технологијата, запознавање со детските игри и посветување на вистинските животни вредности.
Претставата е во продукција на Александра Никифоровски – „Булфрогс продукција“, во соработка со Здружението за уметнички и едукативни вредности – „Дрим фактори“, режијата е колективна, а во неа играат: Мики Анчевски, Марија Ѓорѓијовска, Емра Куртишова и Бојан Лазаров.
Благодарение на поддршката што пристигна од повеќе институции, со претставата „Чек-ин пред зграда“ посетивме многу училишта и градинки во повеќе градови, имавме 49 изведби и неа имаа можност да ја гледаат над 8000 деца и младинци. Пред да продолжиме напред, би сакале да ја прославиме 50. изведба на претставата, која за нас претставува голем успех. Како дел од настанот во фоајето на кино „Фросина“ ќе биде поставена изложба на цртежи, инспирирани од претставата, а нацртани од деца што имаа можност да ја проследат претставата, велат од продукцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.