На 27 мај, понеделник, во 19 часот во Кино „Фросина“ во Младински културен центар (МКЦ) ќе се прикаже 50-та изведба на театарската детска претстава „Check in: Пред зграда”, на Булфрогс Продукција и Здружението за уметнички и едукативни вредности „Дрим Фактори“.

Оваа детска претстава ја разработува темата за модернизацијата, технологијата, интернетот и социјалните мрежи кои се неизбежна алка од времето во кое живееме.

Несомнено зависноста од технологија, интернет и социјални мрежи кај младите е на високо ниво, а нивната заинтересираност за игри со другарите пред зграда, физичка активност и квалитетно поминато време без технологија е сè помала. Со оваа проблематика се занимава претставата „Check in: Пред Зграда“ која има за цел преку разни ситуации, на близок и разбирлив јазик за деца и млади, да го согледаат влијанието од постојано користење на социјални мрежи и да се поттикне развивање на социјална интелигенција, препознавање на лошите ефекти од постојаното користење на технологија, запознавање со детски игри и посветување на вистинските животни вредности.

Претставата е во продукција на Александра Никифоровски – Булфрогс Продукција, во соработка со Здружението за уметнички и едукативни вредности – Дрим Фактори, режијата е колективна, а во неа играат Мики Анчевски, Марија Ѓорѓијовска, Емра Куртишова и Бојан Лазаров.

Со претставата „Check in: Пред зграда“ посетивме многу училишта и градинки во повеќе градови, имавме 49 изведби и имаа можност да ја гледаат над 8,000 деца и младинци, велат од Булфрогс Продукција.

Како дел од настанот во фоајето ќе биде поставена изложба на цртежи, инспирирани од претставата, а нацртани од деца кои имаа можност да ја проследат претставата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.