Неколку дена пред почетокот на новата година, Паркот на Франкофонијата во Скопје се претвори во Планета Ѕвездалија – место полно со креативност, магија, забава и детски насмевки. На Планета Ѕвездалија се раскажуваат најубавите приказни за другарството, прифаќањето, инклузијата и здравата животна средина и се изработуваат најоригиналните новогодишни честитки, лампиони, писма до Дедо Мраз и колачиња. Станува збор за тридневен настан со креативно – едукативен карактер наменет за деца од претшколска и школска возраст, штп ќе се одржи од 26 до 28 декември во мобилната галерија на Центарот за современи уметности – Скопје, лоцирана во Паркот на Франкофонијата.

Во овој период на мноштво случувања со новогодишен или божиќен предзнак, Планета Ѕвездалија ги кани сите дечиња заедно со неколку врвни професионалци, да создадат бајковито царство. На нашата планета приказни ќе раскажуваат актерите од Театарот „Златен Елец“, писателката Ана Голејшка Џикова заедно со дечињата ќе ги пишува најубавите честитки и писма до Дедо Мраз, а уметникот Доротеј Нешовски и неговите мали помошници ќе изработуваат лампиони од природни материјали. Прекрасната Снежна кралица ги чека децата во ѕвездените работилници за изработка на честитки, а графичката дизајнерка Емилија Ќипроска веќе има милион идеи за исцртување колачиња со најубави новогодишни и зимски мотиви. Од Планета Ѕвездалија секое дете ќе си замине со прекрасен сувенир.

 

Повеќе детали за настанот се достапни на Планета Ѕвездалија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.