Домот на култура „Јане Сандански“ од Пехчево продолжува со културните активности во 2019 година.

Како што информираше директорката Ана Марија Теохарова, на 11 јануари во петок, пред пехчевската публика со 30-тина свои дела во рамки на изложбата „Парижанка во Пехчево“ ќе се претстави уметникот Лена Ѓуриќ.
-Уметноста значи создавање со чувства. Начин на изразување на она што зборовите не можат да го искажат. Уметноста придонесува во подобрување на заедниците, за поттикнување на креативноста, за зајакнување на вештините за учење, за поттикнување на самодовербата и многу повеќе. Мене ми претставува огромна чест и задоволство што во следниов период ќе бидеме домаќини на еден ваков убав настан, кој што сме го немале долги години. Со ова сакаме да ги поттикнеме и нашите сограѓани да ги искажат и прикажат своите идеи и мисли на креативен начин. Уметноста тоа ни го нуди, а ние сме тука за да дадеме поддршка на нив, рече Теохарова.
Богатата колекција од ликовни дела од авторката Лена Ѓуриќ досега се изложувани низ повеќе градови во Македонија, како Штип, Битола, Струмица, Радовиш, Виница, Свети Николе, Берово, Делчево и Скопје, а овој петок за прв пат ќе бидат претставени пред љубителите на уметноста од Пехчево.
По прикажувањето на филмот „Исцелител“, изложбата „Парижанка во Пехчево“ е втора активност на новиот директор на пехчевската културна установа од каде најавуваат збогатување на културниот живот во Пехчево во новата 2019 година. Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.