Филмот „Решетки“ (Bars) на младиот палестински режисер Валед Зеданеј ја доби наградата за најдобар филм „Ратка Илиевска-Лале“, што ја доделува меѓународниот фестивал на филмови снимени со мобилен телефон, Мобил филм фестивал.
Фестивалот годинава се одржа само онлајн, од 30 ноември од 6 декември, а 90-ина филмови беа бесплатно достапни на Video on Demand-платформата Cinesquare.net.
За наградите на фестивалот одлучи тричленото жири во состав: американскиот режисер и професор Карл Бардош, Горан Наумовски, кинематографер и професор на универзитетот „Еуропа Прима“ и Златко Ѓелевски, филмски критичар.
Филмот „Решетки“ носи силна порака во себе и успева да опише еден апстрактен поим како што е демократијата, е образложението на жирито.
Наградата за најинвентивен филм ја доби „2040“ на Надин Алјекина од Русија. Наградата за најдобра оригинална идеја ја доби „Odd One Out“ од Ендрју Роб од Австралија. Специјално признание од фестивалот доби „Спијам малку и сонувам многу“ од Паоло Сантамарија од Италија.
Мобил филм фестивалот се одржа по 11 пат под мотото „Размислувај поразлично“. Филмовите беа поделени во три програми. Сите филмови на фестивалот беа достапни во 13 земји во регионот, каде што е достапна VoD-платформата. Со тоа, Мобил филм фестивал од годинава прерасна во регионален филмски фестивал.
Повеќе од илјада филма снимени со мобилен телефон пристигнаа на нашата адреса, а за селекцијата се погрижи Весна Ристовска. За жал, годинава немавме ниту еден македонски филм, велат од продуцентската куќа „КТ-Филм и Медиа“ од Битола, која го организира Фестивалот.
Фестивалот поддржан од Министерството за култура и Град Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.