Скопската публика го награди со громогласен аплауз и овации српскиот актер Андрија Милошевиќ кој синоќа гостуваше на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) со урнебесната стендап комедија „Златен ланец од бижутерија“. Претставата во Скопје ја донесе продукцијата „КМК“.

„Златен ланец од бижутерија“ е хит претстава во регионот со текст на Миодраг Мио Караџиќ. Продуцент е Бата Караџиќ, а музиката е на Владимир Рацковиќ.

Милошевиќ во „Златен ланец од бижутерија“ го раскажува животот на 35-годишниот Црногорец Костадин, со прекар Лале, кој го добил од неговата баба. Лале доаѓа во Белград полн со надежи и очекувања. Но, како и секој човек кој е вљубен во себе и во лесен и удобен живот, брзо сфаќа дека годините го престасале, тој не дипломирал, а сите бизниси кои ги почнал, пропаднале. Пробува да живее од љубов, сфаќа дека тоа нема иднина и посакува да најде богата девојка. За среќа таква „налетува“, тој е пресреќен и замижува пред нејзините физички недостаци. Важно е дека таа има „БМВ 7“, куќа во елитната населба „Дедиње“, прост и покондиран татко, незинитересирана мајка, ама важно родена белграѓанка, здодевна баба…Среќен е дека влетува во ова богато семејство и наводно успева да го измами, глумејќи дека е до уши вљубен во нивната ќерка. Но, ова семејство не би било богато ако дозволи некој да ги измами.

Текстот на Караџик е актуелен и одлично ја отсликува денешницата и моралните и човечки вредности. Андрија Милошевиќ освен Лале во монодрамата глуми и тв-водителка. Милошевиќ покажува огромна моќ на трансформација и токму тоа ја одушевува публиката.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.