Ова со пандемијата ќе го заборавиме многу брзо. Јас сум таков оптимист, вели Марјан Неќак, режисер на совреманта музичка драма „Само глас“ која премиерно ќе биде изведена утре, в среда, на 26 мај на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) во 20 часот.

Автор на „Само глас“ е 23-годишната Нина Плавањац, а ова е прва премиера во МНТ за оваа година. Текстот на Плавањац е нејзино театарско деби, прва праизведба.

Освен како режисер, Неќак, е и автор на музиката, сценограф и дизајнер на светлото. Во улогите на Таа и Тој играат првенците од ансамблот на МНТ, Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, со снимен глас, како и балетанот Мирослав Митрашиновиќ.

Овој проект почнав да го работам тргнувајќи со Нина кога почна да го пишува. Подготовките беа пред пандемијата, таа го напиша текстот, потоа јас неколку месеци работев на музиката. Од септември Звездана и Никола беа вклучени во работата. Работевме онлајн, бидејќи такви беа условите, а и јас бев надвор од земјата. Голем дел од материјалот го изработивме онлајн, а потоа очекувавме да почнат пробите.

Тој пресингот на живот беше и се уште е напнат, така што секако беше и напнато и напорно, но во исто време и убаво. Имам некое поделено мислење за сето тоа. Но, исто така имавме и доволно време сето тоа да отседи, што вообичаено го немаме. За овој вид проекти, музички театар, како што е претставата „Само глас“ е потребно многу време да се подготви и многу време да се совлада тој материјал – музички и драмски. Мислам и сметам дека суштината ја видовме на поинаков начин, бидејќи навистина имавме доволно време. Ова се ќе заборавиме многу брзо. Јас сум таков оптимист, раскажува за „Република“ Неќак.

Во разговор за „Република“ Неќак истакнува дека културата и образованието треба да бидат присутни на високо ниво за да може да напредуваме.

Генерално, секој човек кога се чувствува осамен, тажен, јас мислам дека единствениот лек е книга, музика, слика, филм. Секој кога е осамен се става пред огледало и преку уметноста прво се преиспитува себеси, преку таа моќ на уметноста се преиспитува себеси и тогаш доаѓа до некаков заклучок. Дали ние доволно вложуваме во културата за таа да ни биде спасител? Таа треба да биде се поприсутна. Истото се однесува и на образованието. Ако немаме образование и култура на едно високо ниво и ако тоа не ни се главните постулати по кои треба да одиме, ние немаме ништо. Ние навистина немаме ништо. Сметам дека повремено доаѓаат луѓе коишто го водат министерството за култура, има позитивни ветрови, но понекогаш тоа е само партиска книшка и само еден човек што одработува нешто. Култура, образование, економија – тоа е патриотизам. Другото, не некој начин ќе се намести. Ако не сме образовани, тогаш сме никој и ништо, смета Неќак.

Неќак и Нина Плавањац се познаваат две години. Прво од театарот во Сомбор Неќак го добил текстот на Плавањац кој е нејзина дипломска работа и многу му се допаднал, а потоа решиле да заедно да го работат „Само глас“.

МНТ најавува дека „Само глас“ е приказна за силна и талентирана жена, која преку ниска постапка го доживува најпонижувачкиот момент во својот живот, борејќи се за сопствениот идентитет. Претставата отвора многу актуелни прашања како што е осаменоста, празнината, фаталната љубов, опсесијата…

Јас со проблемот со осаменоста се занимавам повеќе од шест-седум години со неколку претстави што ги имам работено и осаменоста е проблем на 21 век. Сметам дека оваа тема ќе ме инспирира и понатаму, но овој текст конкретно не се бави само со осаменост. Таа е само една напуштена и осамена жена која останува сама. Нема врска со пандемијата. Не сметам дека тоа треба многу да се актуелизира пандемијата. Се направија многу претстави, секако дека се потребни, но јас лично немам потреба од тоа, вели Неќак за „Република“, потенцирајќи дека „Само глас“ не е претстава која се занимава со прашања кои се поврзани со пандемијата.

По премиерата на „Само глас“ на 26 мај, следните изведби се закажани на 27 и 29 мај.

Разаговараше: Александра М. Бундалевска



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.