Утре, на 26 мај (среда), на сцената на Македонскиот народен театар со почеток во 20 часот ќе биде одиграна праизведбата на современата музичка драма „Само глас“ од младата авторка Нина Плавањац. Режисер на претставата е Марјан Неќак, кој воедно е автор на музиката, сценограф и дизајнер на светлото. Во улогите на Таа и Тој играат првенците од ансамблот на МНТ, Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, со снимен глас, како и балетанот Мирослав Митрашиновиќ.

„Само глас“ е прва премиера која МНТ ја работи во пандемијата, а текстот на Плавањац е нејзино театарско деби, прва праизведба.

Многу сум среќна и многу сум благодарна на приликата што ја добив тука, во МНТ. „Само глас“ е мое театарско деби, прва праизведба. Имам само 23 години и влегувам во сево ова со најпрекрасниот режисер и најдобрите актери што можев да го посакам. Ова не го кажувам бидејќи сум слаткоречива, туку, најискрено, така се чувствувам. Оваа екипа ме научи на многу работи и сметам дека покрај нив јас дополнително се развивав. Очекувањата се големи. Ова е прва премиера после еден многу тежок и осамен период и на сите ни е потребен театар. Сите едвај, со душа го чекаме и театарот. Јас имам многу доверба во екипата и тоа ми дава сигурност. Се надевам дека и публиката добро ќе го прими текстот, вели Плавањац во разговор за „Република“.

Таа и режисерот на претставата Неќак се запознале уште пред пандемијата, кога по игра на случајности, тој го прочитал нејзиниот дипломски текст.

 

Нему многу му се допадна и потоа почнавме да соработуваме на многу проекти и станавме големи пријатели. Постојано телефонски разговаравме бидејќи живееме во две различни држави. Нам природно ни дојде да разговараме по телефон скоро секој ден, да разменуваме идеи, да ги развиваме и да ги надградуваме тие идеи. Нам не ни беше проблем така да го изградиме целиот текст. Пробите почнаа во театар, потоа продолжија онлјан, но екипата цврсто се држеше. Мислам дека сме на иста бранова должина, многу добро се разбираме. Така што, таа дистанца нам не ни беше проблем, вели Плавањац.

„Само глас“  е приказна за силна и талентирана жена, која преку ниска постапка го доживува најпонижувачкиот момент во својот живот, борејќи се за сопствениот идентитет. Позната е само Таа, бидејќи во нејзината личност се измешани повеќе архетипови: на ќерка, на дете, на жена, на љубовница, на ѕвезда, на протагонистка и на антагонистка.

Текстот за претставата произлезе од идејата за која Марјан и јас одамна разговаравме, за еден вид паракомуникација. Не лажна, ама еден вид дистанцирана комуникација. Ние таа идеја ја имавме уште пред да се појават карантините, пред да постои каква било дистанца. Потоа се случи сево ова со пандемијата. Јас развив приказна за еден токсичен однос и борба да се излезе од тој однос. Тоа е приказна за една голема актерка и прикажува еден нејзин многу интимен портрет. Ова е приказна и за депресијата, за надминување на траумите, соочување со самиот себе и борба за сопствен идентитет, излегување од тој токсичен однос. Се занимавме со тој механизам на меѓусебно зависни и токсични односи, објаснува Плавањац.

Во претставата, освен Звездана Ангеловска, со глас се појавува и првенецот на МНТ Никола Ристановски и балетанот Мирослав Митрашиновиќ.

Балетанот во претставата е дух од минатото. Целата претстава е се делови од една сложувалка која се собира на крајот во една слика и тогаш ни е јасно која е улогата на балетанот во претставата и во нејзиниот живот. Тој е ликот од „офот“, но и симбол за изгубената невиност, за изгубената младост, за болката по она што поминало и никогаш нема да се врати, вели писателката на „Само глас“.

Плавањац вели дека најмногу сака да гледа, да чита и да пишува приказни кои се плод на истражување на поединечни случаи и поединечни биографии, но да станува збор за широка и универзална тема.

Овде се обидувам да го претставам животот на една голема актерка, но многу му беше важно тоа да биде веродостојно прикажано, но и многумина да можат да се идентификуваат. Јас не сум актерка, поголемиот дел од публиката исто така не се актери, но, сите знаеме како е да бидеш осамен. И сите знаеме како е да се чувствуваш отфрлено и да дојдеш до една точка во која не знаеш како да продолжиш понатаму во животот. Битно ми е да фатам тие фрагменти кои сите ги препознаваме во нашите животи. Така јас се чувствувам помалку осамено и се надевам дека и публиката тоа може да го почувствува. Тоа не е поединечен или осамен случај, туку тоа сите ние го делиме. Најважно ми е моментите на збунетост, тага, срам, да ги претставам без табуа. Бидејќи тоа не е срамота, тоа е само да се биде човек, вели Плавањац.

Текстот на Плавањац го преведе актерката Ангеловска, преводот на сонговите од англиски јазик го направи Елена Китановска, видеодизајнер е Марин Лукановиќ и костимограф e Наташа Павлиќиќ.

По утрешната премиера на „Само глас“ следните изведби се закажани на 27 и 29 мај.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.