Со 40 светлосни топки, и со изложба на детски цртежи кои пристигнаа од сите страни на светот, синоќа во Битола почна јубилејното 40. издание на меѓународната ликовна колонија „Мал битолски Монмартр”. Сите учесници без исклучок посочија на големата фестивалска празнина, отсуството на идејниот творец на манифестацијата Коста Хаџи Антоновски кој неодамна почина во овој град, и исто така сите учесници потврдија дека традицијата на „Мал битолски Монмартр”, продолжува.
Годинава на фестивалскиот конкурс учествуваа 453 училишта од 33 држави во светот кои во Битола испратија 13.737 цртежи, а наградата „Гран при” им припадна на учениците од руското „Училиште 1955″ во Москва. Наградата беше врачена на претставник на руската амбасада во земјава, додека наградата „Златна четка” за ученици од Јапонија му беше врачена на јапонскиот амбасадор Савада Хиронори., како и посебно признание на Општина Битола кое го доби Емилија Костурски, заменик градоначалник на Битола.
На платото пред Националната галерија на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј”-Битола кое денес го слави патрониот празник, синоќа беше доделена и нововостановената награда „Коста Хаџи Антоновски”, а ја доби Теодолина Паскал од Евора, Португалија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.