По речиси две децении од последното реновирање денеска беше отворена подновената спомен-соба на Крсте Мисирков во Институтот за македонски јазик во Скопје.

Спомен-собата на Мисирков содржи документи и фотографии, дел во електронска форма, кои сведочат за животот и образовната, научната, дипломатската и револуционерната активност на првиот кодификатор на македонскиот јазик. Посебно место во поставката зазема книгата ‘За македонцките работи’, објавена во 1903 година.

Отворањето на подновената Спомен-соба на Крсте Мисирков е навистина значаен настан не само за Институтот за македонски јазик, чиј патрон е Мисирков, и не само за Министерството за образование и наука, туку за целата држава, затоа што на овој начин се покажува и почитување кон неговото дело, но исто така и вложување во грижата и негувањето на македонскиот јазик и сите оние што придонеле за денешницата, рече министерката за образование и наука Мила Царовска денес, на промоцијата на музејската поставка за животот и делото на Мисирков, основоположникот на првата стандардизација на македонскиот јазик.

Директорката на Инстититутот, Елена Јованова-Грујовска, потсети дека ова е година во која се одбележуваат 95 години од смртта на Крсте Мисирков, 100 години од раѓањето на Благоја Корубин, еден од основачите на Институтот и во годината на чествување на Блаже Конески.

Мисирков во книгата „За македонцките работи“ ги постави основите на правата стандардизација на македонскиот јазик, Конески ги реализира идеите за современа макеоднска азбука, правопис и институционална кодификација на македонскиот јазик, кажа Јованова-Грујовска.

Министерството за образование и наука финансиски ја поддржа иницијативата на Институтот за македонски јазик за реставрирање и подновување на Спомен-собата на Мисирков, а кон идејата се приклучи и Градот Скопје.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.