Во Музејот на македонската борба, амбасадорот на Франција во Република Македонија, Тимоние заедно со министерот за култура, г-дин Асаф Адеми и директорката на овој музеј, г-ѓа Даниела Николова, ја отвори изложбата “Спомени од Првата светска војна”.

Изложбата ги заокружи големиот број настани од одбележувањето на Стогодишната ко-организирана со земја која почнува да си го враќа заедно со нас тој дел од својата историја низ целата нејзина европска димензија.

-Имам голема чест да ја отворам оваа значајна изложба посветена на Првата светска војна, на место каде што е прикажана македонската историја на дваесеттиот век и етапите од создавањето на вашата држава. Ја поздравувам прекрасната иницијатива и им честитам на сите кои учествувале во нејзината реализација.

Ова е уште една заедничка врска во време кога на дваесет и седми декември ќе го одбележиме точниот датум од воспоставувањето на нашите дипломатски односи. Изложбата зборува за тој решавачки и болен чекор од вашата историја впишан во спомените на народите што ја сочинуваат Европа и се разбира, таа на различните заедници со кои заедно ја градевте вашата република.

Во илјада деветстотини и осумнаесеттата година, овде на Македонскиот фронт, со заземањето на Скопје заврши трагедијата што започна во илјада деветстотини и дванаесеттата година, кога народите од регионот зедоа учество во настани што им донесоа многу страдања, а тие самите одиграа улога која според историчарите честопати не беше докрај разјаснета. Овој дел од историјата останува да се истражи и повторно открие, како впрочем и голем дел од историјата на регионот, врз основа на вистинити факти, но и на толеранција и помирување.

Такви се нашите очекувања, а тоа вам ќе ви биде патоказ кон европските рамки каде што се почитуваат националните идентитети и историските прашања, при што Европа останува свртена кон иднината, без да се навраќа на стереотипите и легендите. Митовите за големина со националистички обележја, секогаш завршувале со голема катастрофа за народите.

Мора да се свртиме кон заедничките спомени, без да заборавиме на минатото, но како што направија Французите и Германците, прифаќајќи ја реалноста на другиот во полза на заедничките перспективи. Повеќе од кога и да е, и покрај пречките, наша заедничка перспектива е помирување на европскиот континент од Атлантикот до Урал, каде што се сплотени мирот, слободата и развојот.

Во оваа прилика, ја поздравувам соодветната одлука на Министерството за култура кое преку Управата за заштита на културното наследство, се согласи да го вклучи отворањето на нашите два музеи во Битола и во Скопје, во агендата на Европската година на наследството, која наскоро завршува. Тоа е признание за заедничкото сеќавање кое нè води кон европските рамки за да изградиме подобра иднина. Горд сум што им бев домаќин на мојот руски и американски колега на овие места каде што цената на мирот го добива сето свое значење.

Им благодарам во оваа прилика на високите државни претставници, почнувајќи од претседателот Иванов, кој присуствуваше во Париз на 11 ноември и ја претставуваше Македонија на Форумот за мир, но и на министерката за Одбрана и нејзините служби, како и на градоначалниците на Скопје и на Битола за нивната мошне силна волја да се придружат кон оваа порака на мирот и да ја пренесат на новите генерации.

Ќе продолжиме во таа насока, поддржувајќи ја во Франција изложбата подготвена од Здружението на професори по историја, почнувајќи од Епинал, град збратимен со Битола, а продолжувајќи со средби на историчарите. Следната ќе биде за Версајскиот договор, како голема лекција за потребата од компромис и мултилатерален пристап кон градењето на мирот.

Првичното значење на Стогодишнината е да се пренесат спомените што Франција сакаше да ги одбележи со очи свртени кон иднината, заедно со сите свои партнери во Европа и во светот.

Драги пријатели, ова е место и момент да ви посакам во две илјади и деветнаесеттата година да се продлабочи регионалното помирување. Многу успех за уште еден решавачки чекор на вашиот пат кон просперитетна и цврста држава, интегрирана во мирна и почитувана Европа!, рече во своето обраќање амбасадорот Тимоние.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.