Со претставување на проектот „Сега“ на Бирото за проектирање – БИНА во палатата „Зорци“, седиштето на УНЕСКО во Венеција, денеска и официјално е отворен македонскиот павилјон на една од најпрестижните глобални архитектонски манифестации – 17. Биенале на архитектурата во Венеција.

По тој повод, министерката за култура Ирена Стефоска, која, иако немаше можност физички да присуствува на настанот, преку видеопорака, на, како што рече, амбасадорите на македонската култура и уметност им порача дека ја имаат целосната нејзина поддршка и им пожела проектот да привлече завидно внимание.

Погледот на креативниот свет во моментов е насочен токму кон Венеција. Македонскиот павилјон го краси вашата визија која, повторно ќе речам, убедена сум дека го дава одговорот на тематското прашање на ова биенале: „Како ќе живееме заедно?“, порача министерката Стефоска.

Стефоска рече дека главниот куратор на ова биенале, Хашим Саркис, ги повикал архитектите, и покрај политичките поделби и економската нееднаквост во светот, да го обмислат просторот во кој сите можеме да живееме заедно.

На отворањето на македонскиот павилјон се обрати и Матео Росати, претставник на Регионалната канцеларија на УНЕСКО во Венеција, организација којашто со задоволство го отстапи атриумот на палатата за потребите на изложбата, кој во своето обраќање истакна дека ова не е првпат канцеларијата на УНЕСКО да биде домаќин на националниот павилјон на Македонија во рамките на Биеналето во Венеција и нагласи дека годинешната изложба е првиот голем меѓународен културен настан повторно отворен за време на пандемијата.

Во своето поздравно обраќање, комесарот на проектот, Дита Старова-Ќерими, денешниот настан го оцени како ретка можност за достоинствено претставување на нашата земја на една од најпрестижните манифестации која традиционално се одржува во Венеција, како проект кој кореспондира со прашањето „Како ќе живееме заедно?”.

Куратори на проектот се Бекир Адеми и Јордан Шишовски. Покровител на изложбата е Министерството за култура на Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.